„Три од три“ за Работнички, МЗТ „падна“ и во Гостивар од лутиот ривал

Работнички и во третиот првенствен натпревар го совлада големиот ривал МЗТ Скопје (92-74), овојпат на дербито што сосема неочекувано се одигра во Гостивар, поради техничките проблеми со салата „Градски парк“. Мечот во поголемиот дел беше израмнет, за Работнички да одигра одлична одбрана во последната четвртина, кога „пулените“ на Докузовски целосно ја презедоа контролата и на крајот славеа убедливо, со 33-10 во четвртиот дел од мечот. На МЗТ Скопје не му помогна ниту одличното издание на Марко Симоновски и неговите осум тројки, кои на крајот сепак се покажаа недоволни за радост над вечниот ривал.

Работнички подобро го отвори натпреварот и поведе со 7-2, но МЗТ експресно се врати, одговарајќи со две тројки на Марко Симоновски и водство од 11-12. До крајот на четвртината можеше да се проследи неизвесна битка, имаше промени на водството на двете страни, за Еванс да реализира во рекетот и да му донесе на тимот на Марин Докузовски минимална предност од 23-22. Израмнета борба се водеше и во вториот период, кога при првото водство на МЗТ од четири поени разлика (29-33) домашниот стручен штаб побара минута одмор. „Металците“ нешто подоцна стигнаа и до „плус пет“ (33-38, па 34-39), но Работнички се консолидираше и пред крајот на полувремето дури и поведе со 44-42. „Сино-белите“ сепак ги постигнаа последните поени во полувремето, на одмор заминувајќи со минимални 44-45, дваесет минути кои одлично ги одигра Марко Симоновски, постигнувајќи пет тројки за вкупно 15 поени.

Крилниот кошаркар на МЗТ Скопје своето шутерско шоу го продолжи и на стартот од третиот период, постигнувајќи две брзи тројки за водство од 46-51. „Сино-белите“ го контролираа резултатот, пред крајот на четвртината во ритам влезе и Бојан Трајковски, па во последните десет минути се влезе со водство на МЗТ од 59-64, по двете промашени слободни фрлања на Мираковски. Веќе на стартот од последната четвртина тројка погоди Спасојевиќ, за најубедливи „плус осум“ на шампионот (59-67).  Сепак, во следните четири и пол минути шампионот не погоди ниту еднаш од поле (само две слободни фрлања на Соколов), по што Работнички со тројката на Чековски стигна до водство од 71-69, по што Кочов побара тајмаут.

Веднаш по тајмаутот следеше почетничка грешка, Еванс украде топка и поентираше со положување. Симоновски погоди уште една тројка, но Работнички веќе беше влезен во ритам, па „црвено-белите“ набрзина стигнаа и до 78-72. МЗТ зачести со загубени топки, „металците“ се потешко наоѓаа решение за одбраната поставена од Марин Докузовски, па по погодениот скок шут на Караџовски за 82-74, Кочов повторно побара минута одмор, на 2:23 до крајот на дербито. Сепак, битката беше загубена, Работнички набрзина стигна и до 78-64, за лидерот на табелата на крајот да слави со преубедливи 92-74.

Центарот Еванс беше главна фигура кај домаќините со 19 поени и 13 скокови, по 14 постигнаа Костов и Чековски. Кај МЗТ во главна улога беше Симоновски со 24 поени (осум тројки), Бојиќ постигна 14, а Бојан Трајковски 11 поени за бранителот на трофејот, кој ќе мора час поскоро да најде лек за големиот ривал ако сака да стигне до нова титула.

Се вчитува...