Три опции – која ќе ја избере Филип Талески?

За Филип Талески веќе нема дилеми, по неколку сезони во кој не доби адекватна шанса во Рајн-Некар Левен на македонскиот „бомбардер“ му е јасно дека мора што поскоро да го напушти овој клуб и да замине некаде каде што посериозно ќе се смета на неговите услуги. По трансферот на Лагард во таборот на „лавовите“, на Талески му преостанува добро да размисли и да донесе одлука – каде ќе ја продолжи кариерата. Тој се уште е под договор со германскиот клуб, но се очекува отштетата што ќе се бара да не биде превисока.

Левиот бек во моментов има три интересни опции на маса.

ВАРДАР

„Црвено-црните“ неколку седмици по освоената круна најавија дека се заинтересирани за ангажман на Талески, но најпрвин ќе мора да се види колку точно пари ќе бараат „лавовите“ од Манхајм за Македонецот. Вардар на неговата позиција ги има Дисингер и Атман, така што конкуренцијата за место во тимот ќе биде огромна. Остануваат и дилемите околу финансиската сигурност на проектот на „вардарци“, откако Игор Карачиќ неодамна обелодени дека македонскиот првак му должи 21 плата. Најголем предизвик дефинитивно е да се биде дел од европскиот првак, во нови мега-пресметки со Веспрем, Кјелце, Кил…

РАБОТНИК

Битолскиот клуб е најстабилна варијанта гледано од финансиски аспект. „Фармацевтите“ не ја кријат желбата да соберат што повеќе македонски репрезентативци на едно место, а кога играч со реномето на Талески станува достапен јасно е дека Работник ќе биде сериозно заинтересиран. Овој клуб би му понудил лидерска улога, нешто што Талески претходно го имаше во Металург и одлично се снаоѓаше. Воедно, „фармацевтите“ во левиот бек би добиле значаен адут за да се вмешаат во битката за висок пласман во групата од Лигата на шампиоите.

Тренерот Алушовски во случајот на Филип Кузмановски покажа дека може да го извлече најдоброто од нашите најперспективни ракометари, а доколку биде постигнат договор сега истото би можело да биде случај и со Талески.

СТРАНСТВО

Без оглед на малата минутажа во Рајн-Некар Левен, самиот факт дека со години е дел од овој клуб, воедно и стандарден учесник на ЕП и СП со македонската репрезентација, го прави Талески интересна опција и за неколку екипи ширум Европа. Во случај на нов трансфер во странство, тоа сигурно нема да биде во екипа од самиот врв со амбиции за атак на трофеј во некоја од најсилните лиги.

Се вчитува...