ТРИ ПРИЧИНИ ЗА ПОРАЗОТ: Не е проблем дебаклот, туку (не)карактерот

Уште пред да се замине на овој светски шампионат ни беше јасно дека процесот на подмладување и внесување нови имиња во националниот тим нема да биде нималку лесен чин. Настапот во Египет е само бонус за добивање на искуство, но овие момци ќе мора да прикажат многу повеќе за да докажат дека навистина заслужуваат да го носат репрезентативниот дрес, бидејќи ова денеска не личеше на ништо.

Не е проблем поразот. Боли демонстрираниот карактер, или поточно недостаток на истиот, бидејќи кога се игра за Македонија не може немоќно да се следи како противникот ја полни вашата мрежа, оставајќи си го голманот „на стрелиште“.

Причини за неуспехот има многу, но ќе издвоиме три кои би морале што поскоро да се корегираат за играта значително да се подобри за наредните натпревари…

1. Одбраната – „швајцарско сирење“

Делуваше неверојатно со колкава леснотија Швеѓаните го наоѓаат патот до нашиот гол. Без разлика дали станува збор за позиционен напад, „брз центар“ или контра, противниците премногу лесно доаѓаа во ситуација „еден на еден“ со голманот, во која Митревски (подоцна и Томовски) беа немоќни да сторат нешто повеќе во нивните налети. Нашите играчи не успеваа ниту да влезат во контакт, камоли да ги запрат акциите на противниците.

2. Каде се Талески и Кузмановски?

Со години наназад „трубиме“ како е време Талески и Кузмановски да ја преземат одговорноста во оваа репрезентација. Каде беа тие денеска, тоа е прашањето што се поставува по очајното издание на нашиот напад и 20-те постигнати погодоци.

Шведска отсекогаш ја красела цврста одбрана, но од играчите кои треба да се лидери во иднина се очекува да преземат одговорност. Талески имаше само три шута (0/3), Кузмановски погоди еден од двата удари кон противничкиот шут, премалку од ракометарите во кои се гледа како на лидери на новата генерација.

3. Контранапад, што е тоа?

Јасно е дека сме млади, но таа младост треба да значи и полетност, желба за надигрување. Не живеевме во илузија дека можеме да играме побрзо од Швеѓаните, но ниту еден постигнат гол од контранапад (0/1 со промашувањето на Поповски), наспроти 11/12 на противникот, разлика што најдобро ја отсликува немоќта, но пред се карактерот во борбата за враќање наназад по направените грешки.

Без голови од контрапанади не можеме да се надеваме на успех против Египет, па можеби и против Чиле. Затоа, денешниот неуспех нека биде поука за нашата подмладена национална селекција. Што поскоро грешките бидат отстранети, ќе може да се тргне напред. А време нема многу бидејќи во следните четири дена пред Брестовац и неговите избраници се останатите две пресметки од оваа групна фаза.

 

Се вчитува...