ТРИ СЕКУНДИ: Аеродром, „We have a problem”

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Стартуваше новата сезона во кошаркарското првенство на Македонија, МЗТ по долга пауза почна од првото коло… и веднаш загуби. И да беше само тој пораз немаше да биде страшно, но аеродромци очигледно имаат сериозен проблем.

  1. Шампионско сивило

Една победа од четири натпревари (три од нив дома), е апсолутно премалку за МЗТ Скопје, без оглед на намалениот буџет и фактот дека на секој нов тим му е потребно време за воигрување. Фуриозната последна четвртина со Партизан даде надеж за „воскреснување“ на аеродромскиот клуб и враќање на некои поубави времиња, но последните десет дена експресно го избришаа од сеќавањето тој триумф, потсетувајќи на старите проблеми на „сино-белите“.

Факт е дека МЗТ Скопје не игра апсолутно никаква одбрана, а тренерот Тодоров отпрвин се надеваше дека барем ќе успева да дава повеќе поени од противникот, кога веќе не може да се крсти во примање помалку. А кога виде дека и тоа не оди така лесно (да не се лажеме, „металците“ немаат потенцијал за поголем дел од натпреварите да ги завршуваат со околу 90 постигнати поени) – е сега веќе е проблем…

Бројките се говорат, 85 примени поени од Карпош соколи, исто толку дома од Задар, дури 100 од ФМП и 89 во победата над Партизан. Со ваков дебакл во дефанзива може да победиш еднаш до два пати, на среќа, но на долг рок си осуден на пропаст.

МЗТ и во претходните години беше шампион, но не можеше да побегне од сивилото како на резултатски, така и од аспект на стратегија. Сега барем на зборови има долгорочна визија, но сето тоа паѓа во вода кога се немаат резултати. Го знаат тоа добро навивачите, кои не можат да бидат измамени. По Партизан, бројката со Задар беше сосема солидна. Но по тоа фијаско, надополнето со ова последното од Карпош соколи, сигурно ќе придонесе поддршката со Цибона да биде минимална. А што ли ќе биде ако „штрковите“ пак не полетаат.

  1. Предизборен молк

kkmzt-kksokoli-12.10 (27)

Карпош соколи лани имаше фантастична сезона , а вицешампионот одлично стартуваше и во новата, земајќи го веќе во првото коло скалпот на МЗТ Скопје. Тимот составен од тренерот Даскаловски е одлично селектиран и би можел да атакува на висок пласман – доколку остане заедно.

Велам „Доколку“ – затоа што во Карпош веќе се почна со штрајкови, поради неисплата на првите плати. Тоа е јавна тајна, но играчите како и секогаш молчат, со надеж дека нешто ќе „капне“. Или ќе шепнат, па ќе биде „пу пу не важи“. Не за друго, да не го нарушат „предизборниот молк“ и имиџот на главниот финансиер.

Вистината е дека на овој клуб не му се пишува ништо добро, „штрајкувачкиот одбор“ што заседаваше пред дербито со МЗТ веќе закажал нова „седница“, а шансите за излез од финансиската криза се минимални. Само да не биде „црно сценарио“, па ланската кошаркарска „бајка“ да има кошмарен крај. Тоа не е во ничиј интерес.

  1. СТОП за плукањето

Кај нас за жал најчесто важи непишаното правило – за некој да ја научи лекцијата, удри го по џебот. Се покажало правилно во бројни случаи (не само во спортот), па сега на дело ќе се обиде да ја спроведат и МКФ и Комесарот за натпреварување – со енормно зголемување на казните.

Плукање на противнички играч, тренер или судија ќе значи и почетна казна од 40.000 денари (двојно повисока доколку случајот се повтори на некој следен натпревар), како предупредување дека оваа гнасна појава по трибините на салите ширум Македонија мора да се искорени.

Многу полесно е да го исплукаш противникот (ама буквално), отколку да му дадеш искрена поддршка на својот миленик, кој патем речено догодина можеби го очекува истото, со оглед на тоа колку играчите ги менуваат клупските бои секое лето, повеќе од сите останати спортови во Македонија.

Ќе дојдат првите казни, клубовите ќе мораат да платат високи суми, па потоа и да ги дисциплинираат своите навивачи. И нека биде така, бидејќи ова е проблем што се провлекува дваесетина години, и време е да се каже СТОП, доста беше.

Се вчитува...