Египетскиот интернационалец Мохамед Салах е можеби најголемиот адут на Ливерпул во вечерашното финале на Лигата на шампионите во Киев, во дуелот со актуелниот европски првак Реал Мадрид. Тој има фантастична сезона во дресот на „црвените“, веќе израсна во еден од омилените ликови кај фановите на „Енфилд Роуд“, а во неговата родна земја Египет е како божество. Во пресрет на финалната пресметка, неговото семејство во Нагриг ќе даде три телиња курбан, за боговите да се смилуваат на Салах, и тој да успее да го освои пехарот во Лигата на шампионите.
„Целото село е обземено од фудбалска треска. Секако, сите посакуваме Мо да го освои трофејот. Ќе биде тоа голема победа и за нас, за целиот Египет. Ќе жртвуваме три телиња, нека се смилуваат боговите вечерва за нашиот Мо“, изјави Шеди Давуд, поблизок роднина на Мохамед Салах.
Во селото Нагриг, Мохамед Салах е вистински бог. Неговата слика стои исправено на селското училиште, и на уште неколку објекти, а речиси секое дете го носи неговиот дрес од Ливерпул.
„Пред неколку години овде беше речиси мртво, како да немаше надеж. А сега, сите благодарејќи на успесите на Мо имаат нова надеж. Гледаат дека може да се успее и од ова мало место“, истакнува Шеди Давуд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА