Интересна ситуација е расплетена околу македонскиот репрезентативец Иван Тричковски, член на АЕК Ларнака, додека по казната од пет средби го очекува своето враќање на терените во дресот на кипарскиот прволигаш.
Меѓутоа сето тоа не поврзано со Кипраните, но со еден од најдобрите руски клубови Спартак Москва кој на четири кола пред крајот на шампионатот на Русија е пред промоција во нов шампион. Спартак Москва во моментов има 8 бода предност на врвот од табелата во Русија пред второпласираниот Зенит, и му се неопходни само 4 бода во последните четири кола за да ја осигура шампионската круна. А, за свој херој на патот кон титулата, навивачите на Спартак Москва го прогласија никој друг, но македонскиот репрезентативец Иван Тричковски.
„Македонецот Тричковски е најзаслужниот што стигнуваме до титулата. Тој негов гол во август во 88. минута во Москва со кој АЕК Ларнака победи со 0-1 и го елиминираше Спартак во 3. квалификациско коло за Лигата на Европа, значеше пресвртница за нас. После тој негов гол ние го избркавме од клупата Дмитри Аленичев и го донесовме Италијанецот Масимо Карера. Да не беше тој гол на Тричковски, Аленичев ќе останеше на клупата и ние со таков никаков тренер ќе бевме далеку од титула“ – пишуваат навивачите на Спартак, постојано споделејќи го по социјалните мрежи и видеото од голот на Тричковски против Спартак Москва…
А, дополнително преку социјалните мрежи одат со серија предлози за македонскиот фудбалер…
„Тричковски треба да се повика како специјален гостин на прославата на титулата и да му дадеме златен медал…“
„Иван Тричковски и Масимо Карера се нашите херои…“
„Иване Тричковски ти благодариме!“ – се дел од коментарите на Фејсбук и на Твитер од навивачите на Спартак Москва.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА