Франција се пласираше во полуфиналето од мундијалот во ракомет откако вечерва во меч што се одигра во фантастична атмосфера пред 28.000 фанови славеше над Шведска со 33-30. Скандинавската селекција им создаде огромни проблеми на бранителите на трофејот, но на крајот сепак пресуди класата на Французите, кои имаа премногу „оружја“ во својот арсенал (Mae, Ремили, Нарсис, Карабатиќ…) и во клучните моменти направија серија со која стигнаа до победата.
Првото полувреме мина во одлична офанзивна игра на двете страни, при што стартните голмани Омејер и Паличка немаа свој ден. Се редеа голови и на двете селекции, а прв конкретен потег повлече шведскиот селектор со влегувањето на Апелгрен. Голманот на Некар Левен блесна бранејќи неколку зицери на француските ракометари, по што Шведска дојде во водство. Пред крајот на полувремето за голманска замена се реши и Динар, но Швеѓаните сепак беа подобар ривал во финишот од полувремето. Лесно можеше да се случи гостите да заминат на одмор и со „плус три“, но Нарсис одбрани од шест метри удар во празна мрежа, по што Сорендо реализираше пред звукот на сирената, па на одмор се замина со резултат 15-16.
Франција многу подобро го стартуваше второто полувреме, па „триколорите“ набрзина стигнаа и до три гола предност. При водство од 23-20 светските шампиони промашија зицер од контранапад, по што Шведска повторно собра сили за камбек, најпрвин израмни на 23-23, за нешто подоцна да поведе и со 24-25. Скандинавците имаа и напад за „плус два“, но не го реализираа, Ремили постигна два значајни гола, а потоа во последните пет минути два пати прецизен беше и Нарсис, па Франција влезе во последните три минути со предност од 31-28. Шведска од контранапад намали на 31-29, но клучниот гол го постигна Никола Карабатиќ, заверувајќи го пласманот на домаќинот во полуфиналето од овој мундијал.
Мае беше најдобар стрелец на „триколорите“ со девет гола од десет обиди, Ремили постигна шест, а Фабрегас пет гола од исто толку обиди. Кај Шведска најефикасен беше Готфидрсон со седум погодоци, додека Апелгрен го заврши мечот со 11 успешни интервенции.
Франција за ривал во полуфиналето во Париз ќе го има подобриот од дуелот Словенија – Катар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА