Кожув продолжува со одличните резултати од последниот период, откако тимот од Гевгелија по голема битка славеше над Фени индустри со 97-93, и тоа по дополнителни пет минути игра. Со овој триумф Кожув останува во игра за место во Супер-лигата, што би бил огромен успех за овој клуб со оглед на фактот дека пред самиот старт на сезоната беше неизвесно дали клубот ќе ги надмине финансиските проблеми и ќе се натпреварува во елитното друштво.
Домашните кошаркари го контролираа натпреварот три четвртини, а во последните десет минути влегоа со предност од 74-58. Фени индустри успеа целосно да се врати, а кавадарчани беа и на работ на победа откако на 35 секунди до крајот беше досудена намерна лична грешка на Мамузиќ при резултат 84-84. Вокер ги погоди двете слободни фрлања, но потоа гостите неочекувано ја загубија топката, по што Кожув израмни и преку Нацевски го одведе мечот во продолженија.
Охрабрени од ваквиот развој на настаните домашните кошаркари фуриозно ги одиграа дополнителните пет минути, на крајот заслужено радувајќи се на победата.
Пековиќ со 30 поени беше најефикасен кај Кожув, а одличен беше и Мишковиќ со 27 поени и 17 скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА