Трилер-финиш во Гевгелија со хепиенд за гостиварци

Гостивар со триумф ја заврши Супер-лигата откако тимот на Марјан Србиновски во денешното последно коло во суперинтересен финиш успеа да триумфира на гостувањето против Кожув со резултат 86-89. Гостиварци со овој триумф привремено се искачија на третото место, но за да го задржат овој пласман ќе им биде неопходно Куманово вечерва да слави на гостувањето против Блокотехна. Во спротивно, Гостивар ќе ја заврши Супер-лигата на четвртата позиција, па во плејофот ќе се сретне со фаворитот МЗТ Скопје.

Првото полувреме од денешниот дуел во Гевгелија мина во апсолутна доминација на гостинскиот состав, кој на одмор замина со убедливи 18 поени разлика (35-53). Домашните кошаркари во својот последен овосезонски меч не сакаа да се посрамотат, па успеаја да „воскреснат“ во второто полувреме. Како што одминуваше времето, така и предноста на гостиварци се топеше, за на нешто повеќе од една минута до крајот Кожув да стигне и до водство од 84-82. Србиновски зеде тајмаут, гостинските кошаркари ги послушаа неговите совети, па преку Димитриевски и Фурстингер експресно направија пресврт и на крајот се радуваа на победата.

Димчевски со 22 поени беше најефикасен кај гостиварци во дуелот со неговиот поранешен клуб, додека Костоски постигна 16 поени за „сино-белите“. Најдобри поединци во таборот на Кожув при денешниот пораз беа Караколев и Вилијамс со по 19 поени.

Се вчитува...