„Трипл-дабл“ ефектот на Џејмс, Вестбрук и Вучевиќ како и извонредната претстава на Харден и Антетокуомпо ја одбележаа изминатава ноќ во НБА лигата.
Леброн Џејмс стигна до 58-от „трипл-дабл“ во кариерата за победата на Кливленд над Филаделфија од 105-98. Постигна 30 поени, дополнети и со 13 скока и 13 асистенции. По 13 поени дополнија резервистите Џеф Грин, Двејн Вејд и Кајл Корвер, додека 12 поени постигна Краудер.
Оклахома надополни 20 поени заостанување за продолжение против Мемфис, во кое Расел Вестбрук од линијата за слободни фрлања донесе победа за својот тим од 102-101. Вестбрук стигна до „трипл-дабл“ од 20 поени, 14 асистенции и 11 скока. По 21 поен и 9 скока имаа Кармело Ентони и Стивен Адамс.
Џејмс Харден постигна 48 поени за деветта едноподруго победа на Хјустон, овој пат над Портланд од 124-117. Хјустон имаше негатива од 14 поени но успеа да стигне до пресврт, за 12 славје на 13-то гостување сезонава.
Јанис Антетокуомпо го предводеше Милвоки до победата над Јута од 117-110. Гркот постигна 37 поени, со 13 скока и 7 асистенции, но мечот пред се го одбележа со моќното забивање во последната минута.
Во останатите резултати, Сан Антонио славеше против Феникс со 104-101, Чикаго беше подобар од Њујорк со 104-102 за само петта победа сезонава, а Орландо пак загуби од Атланта со 117-110, и покрај „трипл-дабл“ ефектот на Никола Вучевиќ од 31 поен, 13 скока и 10 асистенции.
Атланта до победата беше предводена од Ерсан Илјасова со 26 поени, како и Кент Бејзмор кој имаше 19 поени, 7 асистенции и 6 скока.
Мајами пред речиси 20.000 Мексиканци и поранешниот играч Крис Бош победи против Бруклин со 101-89, за прекинување на серијата од два порази. По 20 поени постигнаа Тајлер Џонсон и Горан Драгиќ.
Џордан Кларксон постигна 14 од вкупно 22 свои поени во последната четвртина за победа на ЛА Лејкерс на гостувањето против Шарлот од 110-99.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА