Македонија го освои 27. место на ракометниот мундијал што се одржува во Полска и во Шведска, откако нашите ракометари во денешниот последен меч од Президент купот славеа над селекцијата на Јужна Кореја. Тоа беше дуел со многу осцилации во нашата игра, „црвено-жолтите“ прокоцкаа плус шест во првиот, се најдоа во негатива во вториот дел, за на крајот сепак да успеат да се вратат и да стигнат до победата.
Мечот почна со одбрана на Томовски и лесен гол од контранапад на Костески за стартно водство на македонскиот национален тим. Нашите ракометари продолжија со подобра игра, од цврстата одбрана произлегоа голови на спротивната страна што Костески ги претвори во нов гол, за водство од 6-3 во осмата минута од натпреварот. Десното крило на Еурофарм Пелистер го продолжи своето шоу и со нов гол зголеми на 8-4, принудувајќи го противничкиот селектор на тајмаут.
Џонов погоди од контранапад за „плус пет“ за Македонија, Корејците за момент намалија на три гола разлика (11-8), но следеше нова серија на Македонија предводена од одличниот Томовски на голот, и наше водство од 13-8. Корејците се полесно го наоѓаа патот до нашиот гол, па Лазаров при водство од 14-11 го побара својот прв тајмаут на натпреварот. Томовски одлично одбрани, нашиот напад повторно доби на динамика, па со новите голови на Џонов и на Кузмановски следеше и најубедливо водство од 17-11. Корејците во завршницата од полувремето се решија за нешто поагресивна одбранбена зона со која создадоа доста проблеми, па предноста на Македонија пред крајот на полувремето се стопи на 18-17. Серафимов ја прекина серијата на противникот, но ривалот од Азија до крајот успеа да стигне до само еден гол негатива (20-19).
Второто полувреме го почнавме со два брзи гола на Ѓоргиев и на Талески, но потоа следеа серија промашувања на Кузмановски (меѓу нив и еден промашен пенал), по што Корејците стигнаа до израмнување од 23-23. Филип Кузмановски се разбуди во вистински момент, па со два гола во серија ја врати Македонија во водство од 25-23. Имавме четири минути ракометар повеќе, период во кој Кузмановски не реализираше уште еден седмеред, а потоа и Младеновиќ промаши зицер од контранапад во обид да ја зголеми позитивата, по што противникот се врати и во 42. минута ирамни на 25-25. Првото водство на Кореја дојде во 43. миунта, од 25-26, но Серафимов експресно израмни од седум метри.
Лазаров побара тајмаут на половина од второто полувреме, при негатива од 26-27, за веднаш потоа да блесне Атанасијевиќ со три брзи гола, па Македонија во последните десе тминути да влезе со минимално водство од 30-29. Во вистински момент блесна Костески, со изнуден пенал, исклучување, а веднаш потоа и гол, но и успешна игра во одбрана на спротивната страна и наше водство од 32-30. Кузмановски беше исклучен на две минути при 33-31, но Џонов псотигна значаен гол со играч помалку, Македонија успеа да ја задржи предноста до самиот крај и да слави со конечни 36-33.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА