Луис Хамилтон од 65.пол позиција во кариерата стигна до победа во трката за ГН на Канада што се возеше на патеката „Шил Вилнев“ во Монтреал. За возачот на Мерцедес ова е трета победа сезонава по првите седум трки во шампионатот во Формула 1. Претходно Хамилтон триумфира на трките во Кина и во Шпанија. На Луис Хамилтон ова му е вкупно 56 победа во кариерата и 109 подиум во Формула 1. За двоен успех на Мерцедес во Канада се погрижи Валтери Ботас која заврши на второто место, а тројката на подиумот ја комплетира Даниел Рикјардо од тимот на Ред Бул.
Прв пат без подиум сезонава остана водечкиот во генералниот пласман, Себастијан Фетел кој заврши на четвртата позиција. Мексиканецот Серхио Перез мина како петти низ целта, Французинот Естебан Окон беше шести, Кими Раиконен и покрар проблемите во финишот заврши на седмата позиција, Нико Хуилкемберг беше осми. Првите бодови во Ф1 ги освои младиот Ленс Строл кој заврши на 9.место, а десетти беше Роман Грожан.
Со победата во Монтреал, Луис Хамилтон во генералниот пласман на возачи, ја намали разликата со водечкиот Ветел на 12 бода.
Трката во Монтреал почна со жесток старт во кој најмногу профитираше Макс Верстапен и од петата стигна до втората позиција, а Себастијан Фетел поради контакт со Холанѓанецот падна на четвртото место. Поради проблеми со предното крило, Фетел уште во шестот круг падна на 18.место со 30 секунди заостанување зад Хамилтон.
По одличниот старт во 11-от круг Ферстапен поради проблеми со болидот предвреме ја заврши трката, а тоа му отвори простор на вториот возач на Мерцедес, Валтери Ботас да стигне до второто место и да му „чува грб“ на својот клупски колега Луис Хамилтон од нападите на Даниел Рикјардо од третата позиција.
Во втората половина од трката Фетел успеа да го подобри својот пласман.На осум круга пред крај, Фетел го престигна Кими Раиконен, а четири круга потоа стигна до петатата позиција со шанса на крај да се бори и за подиум. Но,Рикјардо успеа да се одбрани и Фетел на крај заврши на четвртата позиција.
Уште една разочарувачка трка имаше Фернандо Алонсо во болидот на Мекларен. Шпанецот овој пат мораше да се откаже во финишот на трката поради нови проблеми со моторот на неговиот болид.
Следната трка во Ф1 шампионатот ќе се вози на 25 јуни во Баку, за ГН на Азербејџан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА