Македонската А репрезентација вечерва од 18 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе го пречека Лихтенштајн во квалификациите за Светското првенство 2026, со единствена желба со триумф повторно и по септемврискиот циклус да се врати на врвот во квалификациската Група Ј за пласман на Мундијалот.
Селекторот Благоја Милевски истакна дека Македонија е фаворит на хартија, но предупреди дека тоа мора да се докаже и на терен, без потценување на противникот.
„Сите играчи се здрави и подготвени. Имаме максимален респект за Лихтенштајн и воопшто нема да биде лесно. Додека сум селектор, никогаш нема да потценам ниту еден противник. Нашата цел е јасна, три бода кои се исклучително важни во моментов, Задоволен сум од изданието на фудбалерите кои дебитираа против Саудиска Арабија. Лука Станковски, Елмин Растодер и Решат Рамадани покажаа дека имаат квалитет и се разбира дека сметаме на нив и на натпреварите за бодови“ – вели Милевски.

Еднакво е размислувањето и на капитенот Енис Барди…
„Мислам дека ќе имаме тежок натпревар, така беше и во Вадуц додека не го отворивме резултатот. Сите сме свесни што нè очекува, направивме анализа и знаеме што треба да поправиме. Подготвени сме за дуелот, а три бода можат многу да ни значат за да го завршиме овој прозорец на првото место. Секогаш кога играме за Македонија мотив не е потребен, победата е нашата единствена цел“ – вели Барди.
По гостувањето во Вадуц, каде Македонија славеше со 0-3, ова ќе биде втора пресметка со Лихтенштајн во групата. Македонија и Лихтенштајн ги очекува 13-та меѓусебна пресметка, а досега Македонија има 11 победи, и само едно реми, со вкупна гол разлика од 45-5.
Во вториот денешен натпревар во Групата Ј, Белгија го пречекува Казахстан, а слободен е Велс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

