Триумфален крај на Пролет во Супер-лигата

Тинекс Пролет со убедлива победа го заврши настапот во Супер-лигата, триумфирајќи со 34-20 на дуелот против Јуниор Кисела Вода. Ангелов и Палевски повторно не беа во составот, а тренерот Матлиески им даде шанса на младите ракометари кои макимално ја оправдаа неговата доверба, на крајот радувајќи се на заслужена убедлива победа.

Денешниот натпревар беше израмнет помалку од десетина минути. Гостите од Кисела Вода парираа само до 5-4, по што Тинекс Пролет постигна четири гола во низа, резултатски се одлепи и до крајот не му дозволи на противникот да се понадева на изненадување. Одличен во тие почетни десетина минути беше Димов, а потоа во ритам влезе младиот Бојан Јовановски, кој го заврши првото полувреме со шест постигнати погодоци.

На одмор се замина со убедливи 17-10 за Тинекс Пролет, но избраниците на Матлиески не застанаа, продолжија со фуриозна игра и со голот на Додевски во 33. минута стигна и до првото двоцифрено водство (20-10). Остатокот од мечот беше рутина за домашниот состав, кој и со значително подмладен тим ја оправда фаворитската улога, за конечни 34-20.

Јовановски беше најефикасен со девет постигнати гола, пет постигна Мелоски, а по четири пати прецизни беа Додевски и Димов. Прв стрелец на Јуниор КВ вечерва беше Милутиновиќ со шест погодоци.

Се вчитува...