Се е подготвено за последната трка во Формула 1 шампионатот, која ќе даде одговор на прашањето дали Луис Хамилтон ќе ја продолжи доминацијата во „летечкиот циркус“ или Макс Ферстапен ќе стигне до својата прва титула светски првак. Ситуацијата е добро позната, двата тима влегуваат со идентичен број на бодови во денешната трка во Абу Даби, што значи дека оној што ќе освои повеќе бодови попладнево ќе стигне до титулата.
Ферстапен ќе ја има улогата на фаворит, пред се поради фактот дека ја има пол-позицијата. Холанѓанецот досега девет пати се наоѓаше во ваква ситуација, од кои шест пати излегуваше како победник од трките. Двапати пред него успеа да заврши Луис Хамилтон, а еднаш до титулата стигна Дани Рикиардо.
Што се однесува до Хамилтон, дополнителен мотив за Британецот е што има можност да стане најтрофејниот возач во историјата на Ф1. Тој има седум титули, исто колку и легендарниот Михаел Шумахер, но денешната трка е идеална можност за Хамилтон да испише нова страница во книгата со рекорди на Формула 1.
Последен пат Формула 1 памети ваква ситуација двајца возачи да влезат со идентичен број бодови во последната трка во далечната 1974 година. Тогаш до титулата стигна Емерсон Фитипалди, кој го крена трофејот пред Џанклаудио Рагацони.
Кој ќе се радува денеска… останува да видиме на трката што стартува во 14 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА