Трка за „Златната копачка“: Имобиле пред Левандовски, Вернер, Варди..

Веќе мина една половина од сезоната во поголемиот дел од европските лиги, а со секој следен натпревар се повеќе се вжештува и трката за „Златната копачка“, награда што традиционално му се доделува на најдобриот стрелец во лигите ширум Европа. Согласно правилата од пред неколку години, стрелците во најсилните лиги во Европа добиваат по два поени за секој постигнат гол, а во зависност од силината на лигите останатите може да се бодуваат по еден и пол поен или по еден поен за секој погодок.

Чиро Имобиле по извонредниот настап и хет-трикот против Сампдорија стигна до бројката од 23 постигнати погодоци во Серија А, па капитенот на Лацио е лидер во трката по престижното признание со вкупно 46 поени. Зад него се Роберт Левандовски од Баерн и Тимо Вернер од Лајпциг, кои имаат по 20 гола во Бундес-лигата (по 40 поени). На четвртото место се наоѓа Џејми Варди од Лестер со 34 поени за 17-те постигнати погодоци во Премиер-лигата, а веднаш зад Варди е Кристијано Роналдо, кој веќе стигна до бројката од 16 погодоци во дресот на Јувентус во елитното италијанско фудбалско друштво.

Најмногу голови во фудбалска Европа има постигнато Ерик Сорга за тимот на Флора Талин, дури 31, но поради слабиот рејтинг на естонската лига оваа бројка се множи само со еден, па Сорга е далеку зад лидерите во трката за „златната копачка“. Тој има повеќе поени од Серхио Агуеро, кој собра 30 за 15-те погодоци за Манчестер Сити, а Илија Шкурин од БГУ Минск има 28,5 поени откако постигна 19 гола во шампионатот на Белорусија (кој се бодува 1,5 поен по погодок).

Лионел Меси моментно има 28 освоени поени во оваа трка, откако Аргентинецот ја почна сезоната под своите стандарди, со 14 погодоци во досегашниот дел од сезоната во Ла Лига.

Се вчитува...