Двократниот шампион на ридски патеки, Бранко Кипровски – Кипро, повторно во борба за пиедесталот. Нашиот македонски шампион со богато тркачко и шампионско искуство и на англиските патеки, ексклузивно ќе го изложи автомобилот со кој ќе се натпреварува на претстојниот шампионат „Racing Hondas“ во Англија. Ова е единствена можност за сите љубители на спортскиот автомобилизам, одблизу да го почувствуваат адреналинот.
Од петок (12.04) од 12 часот до недела (14.04), Кипро Ве очекува во Дајмонд Мол каде што ќе биде изложен спортскиот болид Honda Civic Type R EP2 со 240 коњски сили.
„Голема чест ми е што ќе имам можност на македонските љубители на автомобилизмот да им ги доближам спортските случувања од англиските патеки. Македонија е земјата од која започна се и затоа токму тука го претставувам автомобилот со кој ќе го завеам нашето знаме на пиедесталот“ – изјави Кипро.
Оваа година од април до октомври, нашата тркачка ѕвезда ќе се натпреварува за престижниот тим на Kinetic Motorsport во Англија на истите патеки на кои се одржуваат познатите трки на Формула 1.
На изложбата ќе имате прилика освен тркачкиот автомобил, да ја видите и опремата за возење и да се запознаете со Кипро и да земете автограм.
Бранко Кипровски – Кипро повеќе од 22 години се занимава со професионален автомобилизам и држи рекорди на државните Ридски Трки на патеката Водно во Југо класата и е двоен Шампион на Македонија 2011/2013 година. Во 2021 настапува во Фокус Куп – Велика Британија, каде ја освојува првата победа со најбрз круг на трка на познатата “Croft Circuit” патека, доминирајќи со возењето. За краток период станува омилен кај коментаторите, но и како единствен странец, често и мета на конкурентите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА