Стјуарт Прингл, шефот на патеката во Силверстоун, вели дека постои можност трката за „Големата награда на Велика Британија“ во Формула 1 шампионатот да се одржи пред полни трибини. Според сегашниот распоред, натпреварот за „Големата награда на Велика Британија“ треба да се одржи на 18 јули.
Ова значи дека трката ќе се одржи на еден месец по истекот на мерките за затворање поради пандемијата на коронавирусот, според планот на премиерот Борис Џонсон.
„Опцијата да имате полни трибини апсолутно постои. Трибините на „Силверстоун“ не се како на фудбалски или тениски натпревари. Нашите 70.000 места се распоредени на скоро пет километри. Имаме многу простор, сè е на отворено и имаме многу излези и влезови. Сè е можно, но јасно ви е дека ова се уште се претпоставки“, рече Прингл.
Билетите за овој настан се објавени во вторникот, а се вели дека Владата на Велика Британија веројатно ќе дозволи ограничено присуство на публика на спортски настани од 17 мај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА