Тројниот асистент од „Ел Класико“ мораше на итна операција

Барселона ќе мора да се снаоѓа до крајот на оваа сезона без помошта на Феран Торес откако шпанскиот репрезентативец се соочи со неочекуван здравствен проблем неколку дена по одличниот настап на Ел Класико.

Торес имаше три асистенции во неверојатната победа од 4-3 над Реал со која Барса направи џиновски чекор напред кон титулата, но екс-фудбалерот на Манчестер Сити се пожалил на силни болки во пределот на стомакот. Деталните прегледи покажале дека станува збор за проблем со слепото црево, поради што Торес синоќа бил итно опериран.

Хируршкиот зафат минал без никакви компликации, но Феран сега го очекува период на мирување, поради што тој нема да може да се врати на терените до крајот на сезонава. Ханси Флик на располагање повторно го има Роберт Левандовски, па се очекува полскиот ветеран да се врати во стартниот тим за вечерашното градско дерби со Еспањол, откако Торес и повеќе од успешно го заменуваше додека Полјакот беше повреден.

Феран Торес сезонава има одиграно 45 средби за Барселона во сите натпреварувања, постигнувајќи 19 и асистирајќи при седум погодоци за каталонскиот гигант.

Се вчитува...