Трошка надеж за Шумахер? „Првпат видовме некаков знак“

Речиси 12 години по трагичната несреќа на скијање што засекогаш го промени животот на седумкратниот светски шампион во Формула 1, секоја вест за Михаел Шумахер  (56) привлекува огромно внимание. Во морето од шпекулации и медиумска тишина што неговото семејство, предводено од неговата сопруга Корин, цврсто го одржуваше, неодамнешната изјава на еден познат француски новинар донесе трошка оптимизам кај милиони фанови низ целиот свет.

Стефан Л’Ермит, новинар во реномираниот Л’Екип, ја поттикна оваа нова надеж. За време на добротворна кампања оргнаизарана од легендарниот Џеки Стјуарт, потписите на сите светски шампиони во Формула 1 беа собрани на една кацига. Меѓу нив наводно бил и потписот на Шумахер, односно иницијали MS (Michael Schumacher).

„Тој потпиша кацига за добротворен настан. Дали неговата сопруга го држела за рака? Не знаеме со сигурност, но ова е првпат да видиме некаков знак, знак на живот“, изјави Л’Ермит за РТЛ.

Тие две букви, напишани на кацигата, го претставуваат првиот јавен чин на Шумахер по несреќата во Француските Алпи во декември 2013 година. За многумина, тоа беше моќен и трогателен момент, симболична порака дека борбата продолжува, дури и далеку од очите на јавноста.

Сепак, и покрај овие изјави Л’Ермит повика на претпазливост, затоа што многу малку се знае за вистинската состојба на популарниот Шуми.

„Не би рекол дека е добро, можеби малку подобро затоа што во основа не знаеме апсолутно ништо. И натаму зборуваме за некој кој дише, кој можеби има некои мали интеракции со семејството“, вели Л’Ермит.

Се вчитува...