Легендарниот македонски олимпиец Шабан Трстена беше специјален гостин на вчерашната трка „05 November run 2023“ во Гевгелија, а поранешниот борач преку својот профил на социјалните мрежи се заблагодари на поканата и укажаната чест.
Од целокупната програма на „05 November run 2023“, тој ја издвои инклузивната трка, прва од ваков вид во Македонија.
„Спортски поздрав на сите љубители на спортот, денеска сите патишта водеа низ улиците на градот Гевгелија, каде ја имав честа да бидам поканет како гостин. Немам зборови кои можам да ви ги доловам моментите како олимписки шампион, во моите емоции почувствував многу љубов, почит и восхит на првата инклузивна трка во Македонија – „Трчаме заедно“ која во организација на Атлетскиот клуб „7-ми Ноември“ од Гевгелија и Фондацијата „Ице Бегов“ се одржа во рамките на денешната атлетска манифестација „05 November run 2023“ во Гевгелија. Утрово ја имав честа во мое име да ги поздравам како олимписки шампион и спортист на 20 век, обраќајќи им се со мотивирачки пораки пред стотина спортисти и гледачи. Но., тоа беше главно спектакл за гледачите и за родителите кога нивните деца се подготвуваа да трчаат, а сите покажаа многу смеа и радост на нивните лица. Што да кажам друго освен дека сум воодушевен, треба да знаеме дека секој не добива иста шанса на овој свет да биде голем спортист, но секој добива шанса да даде придонес во својот живот, да се бори, колку и да изгледа тешко. А овие деца кои денес трчаа и истрчаа, од кои некои немале среќа да бидат како и сите други деца, за мене и за секој друг се вистински шампиони. Тие се борат со многу поголеми проблеми и тешкотии во својот секојдневен живот, а пак докажуваат дека со многу напор, воља и труд успеваат да го постигнат целта. Браво деца, вие сте пример за многу возрасни како тие треба да се борат во својот живот, да бидат добри и успешни луѓе. Сакам да им честитам на организаторите за успешно одржаната трка, посебно на Драган Ристов и Елена Бегова . Ако до денес некои ја знаеја Гевгелија како град со многу казина, денес нашиот град на југот на Македонија беше град во кој многу млади деца истрчаа многу важна трка во својот живот“, порача Шабан Трстена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА