Трстена со порака за младиот Ѓуретановиќ: Тие што се прават добри кон тебе, така само ќе те уништат

ЛЕгендарниот олимпиец Шабан Трстена на својот фејсбук профил испрати порака до македонскиот пливач Никола Ѓуретановиќ, кој настапи на 16-годишна возраст за Македонија на ОИ притоа освојувајќи го последното место во својата дисциплина.

Ваквиот пласман на македонскиот пливач предизвика бурни реакции во јавноста и пред се во социјалните медиуми, а Трстена испрати порака до тинејџерот, да продолжи со макотрпна работа ако сака да остварува подобри резултати и поголеми успеси во иднина.

Писмото на Шабан Трстена објавено на неговиот официјален профил го пренесуваме во целост…

„Спортски поздрав до сите млади и стари. Сонот за Олимписките медал..

Тоа е спортот, кој работи може да се надева дека ќе постигне резултати. Ти навистина не си талент, туку повеќе од тоа, ти си пливач пред кого има успешна иднина за Македонија. Затоа, имам совети за тебе и ако си паметен да ги прифатиш како позитивно искуство, ти како потенцијален шампион и тие што работат со тебе.

Би ве советувал да не ги повторите грешките како на многу млади македонски спортисти. Ве молам, може ли некој од вас кои се нарекувате експерти или некои толку паметни што кажуваат за себе, дека се многу големи интектуалци, и затоа много знаете за спортот.

Знаете ли каде се тие стотици, илјадници македонски таленти за минатите 34 години, и каде се изгубија оние што имаат освоено медали на европско и на светско првенство за пионери и младинци. Тие едно време беа таленти, но некој им помогна да ги нема како сениори, со незнaење, со нестручност, со предвреме прогласување на некакви „шампиони“ кои живееле во заблуда дека направиле нешто, а не ни почувствувале што е вистинска конкуренција.

Тоа се нивните тренери, понекогаш родители со претерана амбициозност, нивните клубови и спортски федерации. На врвот е МОК, кому ништо не му било грижа освен да ги води на натпревари, за да можат да се фалат и тие да се шетаат покрај спортистите. А за резултатите и за гордоста на оваа држава не е важно, ние сме млада нација и важно е да се вее знамето. Како може сега да биде млада нација, кога Македонија знаеме дека постоела уште од прастари времиња, на Александар Велики. Ако сами не веруваме во тоа, немој да очекувате дека некој од странство земји ќе не почитува.

Исто така треба да бидеме реални и да прашаме, Никола шампионе на Македонија, како се мериш ти со твоите врсници во Европа и во светот, дали тие одат на олимпијада и кои резултати ги прават на олимпијада на 16 години ?

Народот мора да ја знае вистината пред да пишува и суди за нешто, еве читаме како некои те прават херој и лажат дека си освоил олимписка норма.

Морам да кажам дека тие се прават добри кон тебе, но така само ќе те уништат, како што со лажни зборови биле уништени други македонски таленти во многу спортови. Слушај го чичко Шабан, треба да ја знаеш мојата животна приказна на твоја возраст.
И јас бев како тебе младо момче, со голем сон, со тешки услови за работа, немавме ни спортска сала, на почеток немав ни тренерки ни опрема, но имав најголем сон. И моите тренери со само 6 години тренирање, легендарни и сега покојни Насе Насев и Хајруш Синани имаа само една цел и една причина да го оствариме сонот.

Не сум случајно олимписки шампион и олимписки вицешампион, сум освоил 19 медали на Европски, Светски првенства и Медитерански игри и затоа сум тој што најмногу и со големо срце, сакам да ги мотивирам сите млади кои сакаат да станат шампиони.

Во овој момент, за жал по мое мислење ти си жртва на олимписки комитет, тие се фалат дека имаме 16 годишен олимписки пливач во екипа. Ок, ако Олимписки комитет веќе го номинираше за олимпијада, зошто не му овозможат цела година програма со припреми,секој ден по три пати на ден да пливате во базен, младиот преспективен спортист.

Вака, ќе го однесат во Париз, ќе исплива и ќе кажат дека бил млад. Браво за сите. Тие си играат со детето, а цел народ се расправа дали бил млад, дали требало да оди, дали да го фали или да критикува. Не се оди со последни 10 дена на припреми на најголемиот спортски настан, Олимписки игри. Така не се оди никаде. Сите треба да знаат дека последни денови треба да се тренира порелакс, да биде телото на спортистот спремно за натпревари, а не со јаки тренизи да заминат уморни.

Затоа, уште еднаш би ве советувал тебе и твојот тим дека ти можеш да постигнеш поголеми успеси во иднина, се разбира само ако работиш многу. За тебе и останатите околу тебе нема одмор. Дури ако остануваш до крај во Париз,ти од таму треба да почнеш да тренираш уште повеќе секој ден, посилно, бидејќи овие следни четири години те очекува светското и европско првенство за млади, а ќе бидеш во конкуренција на возрасни, за самиот да знаеш каде си.

Затоа треба многу да вежбаш, бидејќи те очекува долг пат до остварувањето на твојот сон, затоа те советувам со реални зборови.Патот до врвот не е лесен,ама све е можно таму има место само за најдобрите, за најупорните, кои не се откажуваат никогаш од својата цел.

На крај ве поздравувам со оваа гордост на македонска олимписка слика,није сме ти што , му докажевме на свето сме пимтомци на Александар Велики од Македонија кој освоил половина свет, со херојот од Токио Дејан кој во теквондо се врати со сребен олимписки медал од Токио 2020. Нека биде пример успех за сите.

Се надевеме сека со нова влада со министeрот за спорт ќе направат нешто позитивно, млади македонски спортисти, него да прават услови и да тренират уште посилно и некој од овие нови генерации да го повтори мојот подвиг. Каде пред 40 години во Лос Анџелес станав најмлад олимписки шампион, и се уште со 19 години во целата олимписка историја. Од се срце посакувам баш во Лос Анџелес 2028 година некој од македонските спортисти да се врати со златен олимписки медал, но запамтете сите, треба многу, многу работа и секогаш да сте оптимист во вашиот спортски дух за голем успех.

Со почит од вашиот олимписки шампион. Ш.Т“

Се вчитува...