Трумчи: Одморот добредојден за Шкендија, нема да го потцениме Башкими

Петтото коло од ПМФЛ ќе биде отворено со дуелот меѓу шампионот Шкендија и тимот на Башкими, меч што во 15.30 часот ќе стартува на стадионот во Тетово.

Сепак, овој меч ќе биде четврти сезонава за тетовските „црвено-црни“, со оглед дека минатиот од 4. коло беше одложен поради настапите на шампионот во плеј-офот во Лигата на Европа и натпреварите на нашата селекција до 21 година. Досега тимот од Тетово има две победи и едно „реми“ во шампионатот.

Десниот бек на Шкендија, Александер Трумчи  верува дека „црвено-црните“ ќе стигнат до посакуваниот резултат на денешниот дуел.

„Атмосферата во екипата е многу добра. Добро нѝ дојде малиод одмор, бидејќи поминавме еден период со многу згуснат распоред. Добро сме подготвени за натпреварот со Башкими. Го имаме анализирано добро противникот, и можам да кажам дека станува збор за многу сериозна екипа, и ние мораме сериозно да го сфатиме овој натпревар, да излеземе на терен, да дадеме максимум и да ги освоиме трите бода“, изјави Трумчи.

Фудбалерот на Шкендија посакува многу публика, убава атмосфера во Тетово, со присуство на навивачки групи на двата тима.

„Со нетрпение очекуваме да играме пред нашата публика, затоа што ни недостасува на овие натпревари. Ќе го дадеме максимумот на секој меч да го освоиме првото место, што е и наша цел. Очекувам добра атмосфера на стадионот, затоа што и ние и нашиот противник има добри навивачи. Очекувам убав меч, во кој ќе уживаме и ние, и публиката која ќе дојде на стадионот“, заврши десниот бек на тетовци.

Се вчитува...