Фудбалскиот клуб Црвена Звезда и официјално се збогува со Владан Милојевиќ. Натпреварот против ИМТ беше последен за Владан Милојевиќ на клупата на Црвена Звезда, кого ќе го наследи Дејан Станковиќ.
Црвено-белите се збогуваа со својот поранешен тренер со соопштение на официјалните социјални мрежи на клубот.
„Фудбалскиот клуб Црвена Звезда ја информира јавноста дека договорот со Владан Милојевиќ е меѓусебно раскинат, кој од денес повеќе нема да ја извршува функцијата шеф на стручниот штаб на нашиот клуб. Владан Милојевиќ се збогува со играчите, тренерскиот штаб и сите вработени во клубот, со зборови на искрена благодарност и силни емоции што го одбележаа неговото заминување. Од првиот до последниот ден, Милојевиќ покажа што значи вистинска лојалност кон Црвена Звезда – тој секогаш беше тука кога на клубот му беше најпотребна, подготвен да преземе одговорност, да застане пред тимот и да ја води Звезда со вера, смиреност и сила. Со својата работа, посветеност и резултати, Владан Милојевиќ засекогаш влезе во историјата на Црвена Звезда. Под негово водство, клубот постигна голем успех, сруши бројни рекорди и ја врати Звезда таму каде што припаѓа – на европската фудбалска мапа. Она што го прави посебен е фактот што во двата мандати успеа да разбуди силна емоција кај навивачите, да ја врати нивната вера, гордост и чувство на заедништво што ја прави Црвена Звезда единствена. Фудбалскиот клуб Црвена Звезда изразува огромна и искрена благодарност до Владан Милојевиќ за сè што му даде на клубот, за секој момент на борба, секој успех и секоја емоција што ја сподели со црвено-белото семејство. Вратата на Црвена Звезда секогаш ќе биде отворена за Владан Милојевиќ, бидејќи некои луѓе не се само дел од историјата на клубот, тие се дел од неговата душа. Ти благодариме Милоје“, се вели во соопштението на ФК Црвена Звезда.
И самиот Милојевиќ се огласи веднаш по соопштението на клубот.
„Звездо, ти благодарам! Те сакам“, рече Владан Милојевиќ.
Владан Милојевиќ за прв пат ја презеде Црвена звезда во јуни 2017 година и веќе во својата дебитантска сезона ја освои титулата шампион на Србија, со пласман во групната фаза од Лигата на Европа.
Во текот на следните години, тој продолжи да доминира на српската сцена, а како посебен успех се издвојуваат пласманите во групната фаза од Лигата на шампионите во сезоните 2018/19 и 2019/20.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

