Цаке пред Тиквеш: Шкендија секогаш оди на победа, но не постојат лесни противници

Шампионот во Прва МФЛ, екипата на Шкендија, во 7. коло има „домашна задача“, на свој терен го дочекува тимот на Тиквеш. Од таборот на тетовскиот клуб истакнуваат дека на секој натпревар одат на триумф, но нагласуваат дека во ова првенство нема лесни противници.

„Ова е многу важен натпревар за нас. Ни следува период со згуснат распоред, затоа што ќе играме на секои три дена и во првенството, и во Европа. Но, сме мотивирани и фокусирани 100% да ги освоиме трите бода. Направивме добра анализа на Тиквеш, колку што имавме време. Шкендија е секогаш подготвена за победа и уверен сум дека бодовите остануваат во Тетово. Лесни противници не постојат, секој бод е важен, особено на почетокот од првенството, бидејќи на крајот ќе биде многу потешко,“ изјави Клисман Цаке, дефанзивецот на Шкендија.

Тој додаде дека во таборот на шампионот постои мало разочарување по ремито во Струга.

„Дефинитивно постои разочарување. На секое дерби, нерешен резултат на гости е прифатлив, но тоа важи за другите клубови, не и за Шкендија, која секогаш атакува на победа. Но, продолжуваме напред. На денешниот натпревар целиме на бодови и во позитивна атмосфера да продолжиме во овој згуснат распоред,“ заврши Цаке.

Се вчитува...