ЦАС ги одби Мексиканците, дефинитивно нема да играат на Светското клупско првенство

Судот за спортска арбитража (CAS) ја отфрли жалбата на мексиканскиот фудбалски клуб Леон против одлуката на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), па овој тим дефинитивно нема да учествува на претстојното Светско клупско првенство, кое ќе се одржи следниот месец во Соединетите Американски Држави.

Спортскиот арбитражен суд објави дека го отфрлил обидот на Леон да ја оспори одлуката на ФИФА, која го исклучила клубот од турнирот бидејќи е во исто портфолио на сопственост како и друг учесник во натпреварувањето – мексиканскиот клуб Пачука.

ФИФА претходно пресуди дека е прекршено правилото за заедничка сопственост на клубовите. Леон и мексиканскиот Пачука обезбедија место на овогодинешното Светско клупско првенство во САД, но тие го делат истиот сопственик, групацијата Пачука.

Итната одлука дојде само еден ден по сослушувањето, со што ФИФА доби зелено светло да организира плејоф натпревар помеѓу Лос Анџелес и друг мексикански тим, Клуб Америка, за да се комплетира списокот на учесници на турнирот што започнува на 14 јуни.

Леон претходно беше извлечен во група со Челси, Есперанс од Тунис и Фламенго од Бразил.

Се вчитува...