Цедевита е преголем залак за МЗТ Скопје

Кошаркарите на МЗТ Скопје претрпеа уште еден пораз во рамките од АБА-лигата, откако вечерва заслужено загубија на гостувањето против Цедевита со убедливи 77-65. Поразот е очекуван, но и неизбежен со оглед на бројните осцилации во играта што ги покажаа „металците“, нешто што еден од најдобрите тимови во лигата знаеше како да го искористи за да дојде до планирана победа.

Почетокот беше кошмарен за „сино-белите“, откако по почетното водство од 4-5 следеше серија од десет поени на противникот, по што Александар Тодоров зеде тајмаут. Цедевита имаше најубедливи 24-10 во првата четвртина, во вториот период хрватскиот гигант го контролираше резултатот се до серијата предводена од Павличевиќ и Марко Симоновски, со која „металците“ конечно покажаа квалитет на теренот. Македонскиот првак се приближи до 37-33, но потоа следеше нова низа поени на домаќините, крунисани со тројката на Муса кој неразбирливо беше оставен сам во последниот напад од полувремето, кое заврши со убедливи 44-33 за Цедевита.

И во второто полувреме можеше да се проследи игра „топло-ладно“ на избраниците на Тодоров, кои на половина од третата четвртина се најдоа во негатива од „минус седумнаесет“ (55-38), за потоа за неколку минути да ја спуштат разликата под десет. МЗТ се приближи до 60-55 пред крајот на четвртината, но финишот од третиот и стартот на последниот период се покажа кобен за „сино-белите“, бидејќи Цедевита повторно успеа да се одлепи, но овојпат и да не дозволи никакви дилеми околу конечниот исход на овој натпревар, што на крајот заврши со конечни 77-65.

Павличевиќ со 18 и Спасојевиќ со 14 поени беа најефикасни кај МЗТ Скопје, воедно и единствените дваајца со двоцифрен ефект, додека прв стрелец на Цедевита беше Муса со 18 поени.

Повеќе од јасно е дека доколку сака да обезбеди опстанок македонскиот првак ќе мора што поскоро да ја прекине серијата порази, а идеална шанса за такво нешто е следниот домашен натпревар, против Морнар, на кој „металците“ ќе ја имаат и поддршката од „Фемили Аеродром“ од трибините.

Се вчитува...