Македонскиот вицепрвак Пелистер претрпе уште еден пораз на АБА2-турнирот што се одржува во Широки Бријек, откако битолчани загубија од Цедевита Јуниор со резултат 78-74. Хрватскиот тим во првото коло беше подобар од мак-шампионот МЗТ Скопје, а вечерва доминираше и во пресметката со „пелистерци“, на крајот заслужено стигнувајќи до својата трета победа сезонава.
Вечерашниот натпревар беше израмнет само во првата четвртина, во која Пелистер имаше само еден поен негатива во однос на противничкиот состав (19-18). Веќе во вториот период битолчани се соочија со уште поголеми проблеми во одбраната, примија 27 поени за десет минути и на одмор заминаа со негатива од 46-38. Во третата четвртина „зелено-белите“ заиграа подобро во одбраната, но тотално потфрлија во нападот, постигнувајќи десет поени за цела четвртина, во која имаа двоцифрена негатива.
Избраниците на Дарко Радуловиќ конечно покажаа знаци на живот во последните десет минути, заиграа далеку подобро, почнаа и да погодуваат во серија од далечина и предводени од Магдевски се приближија на само четири поени негатива на три минути до крајот. Сепак, изостана целосен резултатски пресврт откако Цедевита Јуниор умешно го приведе мечот до крај, триумфирајќи со конечните 78-74 со тројката што ја постигна Александар Костоски во самиот финиш.
Планиниќ со 20 поени и 11 скокови беше најдобар поединец во македонскиот состав, Американецот Бернард го заврши мечот со 11 поени и 10 асистенции, додека Андреј Маслинко имаше 12 поени и осум скокови (четири од нив офанзивни) на овој натпревар.
Пелистер по првите седум кола има скор од две победи и пет порази во АБА2-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА