Црвена звезда поведе со 1-0 во финалната серија од АБА-лигата против Цедевита, откако бранителот на трофејот со огромен пресврт славеше над актуелниот вицешампион Цедевита со резултат 81-66. Хрватскиот тим ги изненади сите со неверојатната игра на почетокот, кога гостите од Загреб набрзина дојдоа до предност од огромни 15 поени разлика (6-21, 8-23), но и тоа беше недоволно за да се направи „брејк“ на жешкиот терен во Белград.
На „црвено-белите“ не им требаше премногу време за да ја надополнат големата негатива откако веќе во 15. минута со тројката на Џенкинс поведоа со 31-30, а нешто подоцна имаа и предност од 40-33. Цедевита пред крајот на полувремето намали на само еден поен разлика (45-44), но избраниците на Радоњиќ фуриозно го почнаа третиот период, набрзина поведоа со 58-47 и до крајот на натпреварот не му дозволија на гостинот да се врати, завршувајќи го мечот со конечни 15 поени разлика.
Џенкинс со 20 поени беше прв стрелец кај победничката екипа, пред Кузмиќ и Волтерс со по 14. Кај Цедевита, во чии редови премногу се почувствува отсуството на повредените Боутрајт и Араповиќ, најефикасни беа Томас со 14 и Билан и Џејмс со по 12 поени.
Вториот натпревар од оваа финална серија на програмата е веќе утре, повторно во Белград, со почеток во 18.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА