Цел живот пријатели, но Роналдо го остави Жорге Мендеш без провизијата од 30 милиони евра за трансферот во Ал Наср

Суперагентот Жорге Мендеш важеше за еден од најзаслужните за блескавиот тек на кариерата на Кристијано Роналдо, но големиот пад на португалската суперѕвезда придонесе да дојде и до конфликт со Мендеш, што резултираше со целосен раскин на соработката непосредно пред трансферот во Ал Наср. Со тоа, Роналдо му го сврте грбот на Мендеш оставајќи го без огромна провизија од 30 милиони евра.

Конфликтот почнал уште во текот на летото, кога Кристијано сакал да си замине, но инсистирал на останување во Европа. Суперагентот тогаш ги контактирал буквално сите европски гиганти, но ниту еден не покажал интерес да го доведе Португалецот во своите редови, по што тој реши да остане на „Олд Трафорд“. Тиквата целосно пукнала кога Роналдо решил да се појави на интервју кај Пирс Броснан, отворено критикувајќи ги сите во Манчестер Јунајтед во обид да обезбеди експресно заминување од клубот. Мендеш бил категорично против ваквата идеја, свесен дека со неа Роналдо практично ќе си ги загуби сите шанси да заигра во некој друг сериозен клуб со врвни амбиции.

Португалецот не само што влегол во конфликт со својот агент и долгогодишен пријател, туку и му отишол зад грб, контактирајќи го Рикардо Регуфе, кој инаку е вработен во една од компаниите на Мендеш, а со Кристијано се спријателил додека овој настапувал за Реал Мадрид. Регуфе имал една единствена задача – да ги обнови преговорите со Ал Наср, под условите што клубот од Саудиска Арабија ги понудил летово, кога беше одбиен од самиот фудбалер. Откако арапските газди дознале дека Кристијано го сменил својот став, понудата повторно била на маса, се било договорено за помалку од 48 часа, а за инает на Жорге Мендеш, провизијата од 30 милиони евра завршила на сметката на Регуфе.

Се вчитува...