Цела репрезентација со нови клубови во летниот преоден рок

Некои веќе потпишаа за нови клубови, некои бараат, некои остануваат… Повеќемина членови на националниот тим на Македонија летово ќе имаат нови клубови, во миговите кога со репрезентацијата се борат за историски пласман на Мундијалот идната година.

Стојчевски, Алиоски, Костадинов… веќе го решија својот иден статус наоѓајќи нови клубови, а има и такви како Дарко Велковски, Никола Серафимов, Александар Трајковски кои се без ангажман во моментов, и бараат нови средини.

Дел од оние кои се „костурот“ на репрезентацијата, а кои имаат договори, можно е да бараат нови клубови со цел поголема минутажа. Меѓу нив се и Елиф Елмас, Столе Димитриевски, Бојан Миовски…

ЕКИПА ви ги носи актуелните случувања со трансферите на македонските репрезентативци. Во секој случај летово голем дел од „националите“ ќе имаат активен и бурен трансфер период.

 

МОМЕНТАЛНИОТ СТАТУС НА АКТУЕЛНИТЕ МАКЕДОНСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ

СТОЛЕ ДИМИТРИЕВСКИ – На излезна врата од Валенсија, откако шпанскиот тим се одлучи да купи нов голман, по заминувањето на Мамардашвили во Ливерпул. Има интерес од Шпанија, Грција и Турција

ИГОР АЛЕКСОВСКИ – потпиша за Фламуртари од Албанија

ДЕЈАН ИЛИЕВ – еден од малкумината кои нема да ја менуваат средината, откако потпиша нов договор со УТА Арад до 2027

ДАМЈАН ШИШКОВСКИ – не се очекува да го смени клубот Борац Бања Лука, но ако дојде некоја подобра понуда можно е да замине

СТЕФАН ДЕСПОТОВСКИ – засега нема најави за промена на средината, односно најверојатно ќе остане во ОФК Белград

СТЕФАН АШКОВСКИ – дел е од Етникос, но со оглед дека често менува клубови, нема да биде изненадување ако има нов клуб

АНДРЕЈ СТОЈЧЕВСКИ – веќе го смени клубот и од Жилина потпиша за Словачко

ЃОКО ЗАЈКОВ – по неколку години замина од Романија и потпиша за Ајман од ОАЕ

ВИСАР МУСЛИУ – стоперот на Сент Труден се очекува да остане во Белгија

ЕЗЃАН АЛИОСКИ – се врати во Швајцарија и потпиша за Лугано

ЈОВАН МАНЕВ – не се очекува промена на клубот, и најеверојатно и следната сезона ќе биде дел од Ријека

БОЈАН ИЛИЕВСКИ – засега е дел од Струга ТЛ, но ако има понуда од странство би можел да замине со оглед дека влегува во последната година од договорот, а во меѓувреме стана стандарден репрезентативец

БОЈАН ДИМОСКИ – нема да биде изненадување ако замине од Партизан Белград со оглед на малата минутажа откако пристигна во српскиот тим

НИКОЛА СЕРАФИМОВ – ќе бара нов клуб, бидејќи неговиот Фехервар испадна од најдобрата лига во Унгарија, а таму немаат право да играат странци

ДАРКО ВЕЛКОВСКИ – дефинитивно ќе има нов клуб, откако му истече договорот со Ниреѓихаза

ЕЛИФ ЕЛМАС – и натаму е неизвесна неговата иднина која ќе зависи од новиот тренер на Лајпциг. Во Торино дефинитивно не останува, а најверојатно ќе оди во друг клуб откако не се снајде најдобро во германскиот тим

ЕНИС БАРДИ – капитенот на репрезентацијата се очекува да има нов клуб по испаѓањето на Бодрум од најдобрата турска лига

АГОН ЕЛЕЗИ – неизвесна ситуација откако му истече позајмицата, и од Горица се врати во Бохум, но нема информации што планира германскиот тим да прави со него откако испадна во „Цвајте“

ТИХОМИР КОСТАДИНОВ – веќе има нов клуб, замина во чешка Сигма Оломуц

ДАВИД БАБУНСКИ – го напушта Данди и летово ќе има нов тим

БЕХАР ФЕТА – за поголема минутажа од Марибор се пресели во Домжале, но сега се враќа во Марибор кој веројатно ќе го прати на нова позајмица

ЈАНИ АТАНАСОВ – се врати во Краковија, а каде ќе игра идната сезона ќе се знае во следните неколку недели

ЛУКА СТАНКОВСКИ – нема најави за напуштање на Раднички Крагујевац

АЛЕКСАНДАР ТРАЈКОВСКИ – во моментов е без клуб откако го напушти Хајдук. Се поизвесно е враќање во Италија во дресот на Палемро

ДАРКО ЧУРЛИНОВ – замина од Јагиелонија, се враќа во Барнли, тимот кој се врати во Премиерлигата, но и натаму е неизвесно дали англискиот тим ќе смета на него, или ќе се реши да го пушти на позајмица или ќе го продаде

ДАВИД ТОШЕВСКИ – засега нема најави за трансфер во друг клуб, по одличната сезона во Австрија Клагенфурт

ДИМИТАР МИТРОВСКИ – стана нов играч на Олимпија Љубљана за рекорден трансфер платен од страна на словенечкиот клуб

КРИСТИЈАН ТРАПАНОВСКИ – има договор со Данди Јунајтед на уште една година, и нема најави за заминување

МИЛАН РИСТОВСКИ – не е познато дали ќе остане во Бохемијанс или ќе се реши да си бара нова средина

МАРИО ИЛИЕВСКИ – си заминува од ЦСКА 1948 и е во потрага по нов ангажман

ЛИРИМ ЌАМИЛИ – по одличната сезона во Сондерјиске, има неколку понуди, меѓутоа и натаму не се знае дали ќе ја смени средината

БОЈАН МИОВСКИ – на крстопат, дали да остане уште една сезона во Џирона и да се бори за место, или да се врати во Шкотска од каде има интерес од големите клубови Селтик и Глазгов Ренџерс

Се вчитува...