Цело е кога има се – Македонија победува кога секој ќе даде свој придонес

На мака се познаваат јунаците, а Македонија денеска одигра токму така, јуначки. Не беше лесно психолошки да се крене тимот по фијаското против Египет, но „црвено-жолтите“ го сторија токму тоа, во првото полувреме покажаа знаци на живот, за во вториот дел да го покажат својот квалитет, но што е уште поважно – карактер и решителност да покажат дека се поквалитетни од јужноамериканскиот аутсајдер и да се пласираат во следната рунда.

Веќе многу се пишуваше за падот во квалитет што го носи смената на генерации, а во една таква ситуација формулата на успех е една и единствена – сите поединци да се подредат на колективот…

– Затоа што се уште го имаме Кире Лазаров, кој ќе погоди кога ќе е најважно.

– Затоа што Митревски влева доверба и сигурност со одбраните на голот.

-Затоа што Томовски блеска бранејќи пенали со кои ги откажува противниците.

-Затоа што Кузмановски презема одговорност, за продор, шут, асистенција… Некогаш и греши, но најважна е иницијативата.

– Затоа што на крило го добивме младиот Костески, со пет гола за едно полувреме.

-Затоа што на пивот покрај Стоилов го имаме и одличниот Пешевски, кој во вторите 30 минути ги излуде Чилеанците.

-Затоа што Крстевски влезе како „резерва“ на списокот, но денеска постигна два гола.

-Затоа што Димитриоски и по оној промашен зицер не загуби верба, па влезе на втор пивот и даде значаен гол.

-Затоа што Талески и кога не игра многу во напад е корисен во одбрана. Влезе при „егал резултат“ и токму со него во дефанзива беше направена клучната разлика.

Кога сите ќе имаат верба во себе, но и до оние крај нив, тогаш се создава моќен колектив. И тоа треба да е рецептот за наредните три натпревари, за да се покаже карактер и добра игра, без оглед на конечниот резултат.

Се вчитува...