Целосен ремонт: Партизан договори 12 засилувања, еве како ќе изгледа тимот во следната сезона

Партизан имаше разочарувачка сезона по која Жељко Обрадовиќ доби зелено светло за целосен ремонт во играчкиот ростер, па така тимот го напуштија капитенот Пантер, потоа Ледеј, Камински, Понитка, Јарамаз, Трифуновиќ, Смајлагиќ, Анѓушиќ, Доужер и Смит, неизвесна е иднината на Аврамовиќ, додека Бруно Кабокло се обидува да најде клуб во НБА со што „црвено-белите“ би заработиле еден милион евра.

Во последните месеци бројни имиња беа поврзувани со трансфер во Партизан, но засега клубот официјално потврди само три нови играчи, и тоа српскиот репрезентативец Вања Маринковиќ, Французинот Френк Никилина и данскиот плејмејкер Ифе Лундберг кој пристигна од редовите на Виртус Болоња.

Српскиот портал „Мондо“ информира дека ова не треба да загрижува никого бидејќи Партизан веќе има договорено дури 12 нови кошаркари, а за остатокот покрај веќе објавеното трио се чека само официјализација што ќе следи во наредниот период.

Според „Мондо“, во текстот „12 Потписи во Партизан – ова е нов тим“, се наведува дека на „црно-белите“ сигурно ќе им се приклучат и Марио Накиќ, екс-кошаркарот на Реал Мадрид кој последните две години ги мина во Игокеа,како и Аријан Лакиќ, српскиот кошаркар кој пристигнува од Задар. Овие двајца ќе важат за „адути од клупата на Жељко Обрадовиќ, но кога станува збор за звучните имиња, веќе е договорено и доаѓањето на центарскиот тандем Тајрик Џонс (од Ефес) – Брендон Дејвис (од Валенсија), како и ангажманот на Бонга од Баерн Минхен, играч кој важи за одличен дефанзивец и може да покрие неколку различни позиции во тимот.

За поени ќе биде здолжен репрезентативецот на Јужен Судан, Карлик Џонс, заедно со Стерлинг Браун, 29-годишниот Американец кој ќе пристигне од Алба Берлин. Листата на засилувања ја заокружува крилото на Бург, 26-годишниот Ајзеа Мајк, заедно со српскиот репрезентативец Алексеј Покушевски, кој е подготвен да си замине од НБА-лигата и да заигра за тимот на Жељко Обрадовиќ.

Ако сите овие најави на „Мондо“ се покажат точни, Партизан дефинитивно ќе има квалитетен тим со кој ќе ја нападне титулата во АБА-лигата, но и повторно да се обиде да влезе во четвртфиналето од Евролигата.

Се вчитува...