Фудбалската федерација на Македонија дополнително ја надоградува комплетната функционалност на Центарот „Петар Милошевски“ кој е во рамките на комплексот Куќа на фудбалот на ФФМ, со нов инфраструктурен проект.
Како што информира генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, центарот ќе биде првиот тренинг центар во Европа со инсталирани соларни фото волтаи…
„Центарот ‘Петар Милошевски’ набрзо ќе стане првиот тренинг центар во Европа на кој ќе бидат инсталирани соларни фото волтаи за искористување на сончевата енерија и помалку трошење на електрична енергија како надоврзување на проектот за загревање и ладење преку постоeчките геотермални пумпи“ – вели Поповски, дополнувајќи дека сето тоа е како надополнение на постојаното вложување во комплетната фудбалска инфраструктура во земјава.
Но, според него жалосно е што вложувањето во инфраструктурата во државава е единствено од ФФМ, а тоа не е доволно за брзи резултати…
„Секако дека се вложува во фудбалската инфраструктура. Како последен пример е вложувањето во стадионот Младост во Струмица, на кој се играат квалификациски наптревари на А репрезентациите, а верувајте потребно е достигнување на високи критериуми. Тука се 10-те терени за тренинг во 10 општини, 4 стадиони како дел од Хет трик програмата на УЕФА. За жал, вложувањето во инфраструктурата единствено од страна на ФФМ не е доволно за брзи резултати. Затоа сакам да ги повикам сите да ни се придружат во подобрување на спортската инфраструктура, затоа што знаеме дека спортот е најголемиот амбасадор во светот. Паралелно се врши работа во млади категории, одиграни многу меѓународни натпревари, ФФМ академија во фудбал и изградба на сместувачки капацитет и грижа за најдобрите млади фудбалери во склоп на тренинг центарот на ФФМ, едукација и надградба на тренерите преку многу курсеви од реномирани предавачи. Континуирано вршиме и надградба и размена на знаења и со нашите партнери, општинските фудбалски сојузи и клубовите. Сите се добредојдени. Резултатите не доаѓаат преку ноќ, потребно е трпение и напорна работа. Не велам дека понекогаш не грешиме, но тоа што можам да го ветам е дека продолжуваме и понатаму за доброто на фудбалот и спортот во државата“ – истакнува Филип Поповски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА