Цезар е синоним за лојалност – ја откачи Барса за да остане во Челси кога е најтешко

Цезар Азпиликуета уште еднаш ја потврди својата лојалност кон Челси, договарајќи се за продолжување на соработката со овој клуб во периодот во кој „сините“ се соочуваат со огромна неизвесност поради санкциите врз газдата Роман Абрамович. Јавна тајна е дека искусниот дефанзивец во изминатиот период преговараше и со Барселона, се чинеше дека е речиси сигурно дека Цезар ќе се пресели на „Камп Ноу“ како слободен играч во текот на летово, но во последен момент дојде до пресврт.

Капитенот на Челси не сакал да го напушти клубот кога му е најтешко, па на крајот решил да ја прифати понудата за нов договор. Истиот не може да биде потпишан во моментов поради санкциите од владата и ограничените овластувања на клупската управа, но веќе е јасно дека Азпиликуета и наредната сезона ќе го носи дресот на актуелниот европски првак.

„Можеме да кажеме дека е завршена работата. Долго време бевме блиску, но сега веќе можам со задоволство да кажам дека Азпиликуета ќе потпише нов договор со клубот. Се е договорено“, потврди менаџерот на Челси, Томас Тухел.

Неговиот соиграч Кристијансен веќе се договори за преселба во Барселона, а според Тухел, големи се шансите во клубот да остане и Антонио Рудигер, кој преговараше со Реал Мадрид, Барселона, Јувентус и Баерн, но од ниту еден клуб не доби понуда каква што посакуваше, па сега сериозно размислува да потпише нов договор со Челси.

Се вчитува...