Поранешниот ракометар на Вардар, Лука Циндриќ, сега со голем успех го носи дресот на европскиот гигант Барселона. Хрватот во интервју за „Вечерњи лист“ говореше за подготовките на својата репрезентација за СП 2023, но се осврна и на штотуку завршениот фудбалски мундијал во Катар.
Циндриќ обелодени дека се обложил со своите бразилски соиграчи од Барса во пресрет на четвртфиналниот меч меѓу Бразил и Хрватска, уживајќи во крајниот исход.
„Па јас сум во душа фудбалер, играв за Огулин како дете ме бараше и Динамо“, го почна разговорот на фудбалска тема Циндриќ, па продолжи: Капа доле за момците, премногу сум горд на нивните резултати. Беше преубаво да се биде Хрват во Барселона додека нашите фудбалери бележеа одлични резултати на мундијалот. Будно се следеше секој натпревар на ова СП, особено напнато беше на дуелот со Бразил, откако Пиетрус и Винциус ми пријдоа и ме предизвикаа на облог – оној чија земја ќе загуби да ги чести со тура пијалок сите играчи во тимот. Беа сигурни дека Бразил победува, јас го прифатив облогот… како само уживав наредниот ден кога ги видов, не можете да замислите што им се случуваше во соблекувалната. Неколку дена сите се шегуваа на нивна сметка, но што е најважно, ја исполнија обврската и платија пијалоци“, истакна Циндриќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

