Циндриќ откри како Сигурдсон ја препороди Хрватска: Тоа најмногу ни недостигаше…

Лука Циндриќ не го криеше задоволството по одлично одиграниот квалификациски турнир во Хановер, на кој екс-вардарецот ја одведе Хрватска до билет за ОИ во Париз.

Тоа беше најдобриот турнир што Циндриќ го одиграл во репрезентативниот дрес, а голем дел од заслугите одат на адреса на Дагур Сигурдсон. Исландскиот стручњак дојде на чело на хрватската репрезентација пред помалку од еден месец, одржа само неколку тренинзи пред турнирот во Хановер, но успеа целосно да ги рехабилитира ракометарите по слабото издание на ЕП 2024 во Германија.

„Сигурдсон е одличен тренер, имам навистина добра комуникација со него. Се шпекулираше дека нема да ме повика, но ние бевме во контакт и мојот настап во ниту еден момент не беше доведен во прашање. Реалноста е дека човекот немаше многу време да направи промени, но успеа да донесе смиреност и авторитет на клупата. Тоа е нешто што најмногу ни недостигаше со години наназад. Со одлуките кои ги носеше во текот на натпреварите, начинот на кој комуницираше, би рекол дека сето тоа е нешто сосема нормално, но и нешто што ние како репрезентација сме го немале веќе подолго време. Од тактички план немаше некои преголеми промени, освен што инсистираше да немаме бескрајни вкрстувања бидејќи на тој начин губевме најмногу моменти во минатото. На тајмаутите е секогаш конкретен, потенцира дека не сме одиграле онака како што сме тренирале и сме се договориле, точно го лоцира проблемот и веднаш играме далеку подобро“, изјави Циндриќ.

Се вчитува...