Циркус: Опомена за тужба против МЗТ стигна кај стариот директор на клубот (фото)

Премногу е тивко во таборот на МЗТ Скопје од стартот на летово, а одморот на директорот кој на 14 јули нема потпишано ниту едно засилување за наредната сезона многумина го оценија како затишје пред бура. Само што за жал, бурата нема да значи низа на звучни трансфери, туку почеток на исплата на тужбите што ќе следат против македонскиот првак за неисплатените долгови кон играчите од ростерот што ја заврши ланската сезона.

За ситуацијата да биде трагикомична, опомена пред тужба пристигна на адреса не на сегашниот, туку на претходниот директор на клубот, Тони Грнчаров, кој објави „скрин шот“ од пораката од Чарлс Мисурака, агентот на Американецот Вер, кој среде ланска сезона беше вратен назад во клубот како „генијална идеја“ на директорот, како замена за Бре Ајви, кој си замина поради платите што му се должеа, а на негово место беше доведен играч со повеќе од двојно повисоки примања.

Долговите стигнаа за наплата, па така агентот Мисурака стави до знаење дека оваа порака до клубот МЗТ Скоје значи и последна опомена за средствата што му се должат на Дастин Вер. Последен рок за исплата на долгот е 19 јули, по што ќе следи тужба до БАТ судот, а со оглед на ФИБА договорот што го има американскиот плејмејкер, јасно е дека ќе пресуда, а потоа и блокада на сметката на аеродромци за целосна исплата на долгот кон Вер.

Ова е само првиот од неколкуте странски кошаркари кои исто така веќе имаат испратено опомени и во наредниот период преку БАТ ќе си ги бараат парите од МЗТ Скопје, по бројните лажни ветувања од актуелното раководство.

МЗТ ќе се соочи со огромни финансиски проблеми во наредната сезона, уште поголеми од оваа во која во месец јули се уште се чекаат по неколку плати за играчите, тренерите…

Се вчитува...