ЦИРКУС: Вардар прифатил понуда за Мато од Канзас Сити, ама уште фудбалерот да се договорел!?

По вчерашната официјална информација од шкотски Хартс дека е постигнат и потпишан договор со најдобриот фудбалер на Вардар, Роџерс Мато кој како слободен играч од јуни треба да се пресели на Островот, денеска продолжување на циркусот со информација од таборот на „црвено-црните“ дека наводно е прифатена понуда за Мато од екипата на Спортинг Канзас Сити од САД.

Само што понудата ја прифаќа ФК Вардар, а притоа со дополнета информација дека за се тоа да се затвори треба и Роџер Мато да се договори со Американците. А, Мато веќе има потпишано договор со шкотски Хартс!

„ФК Вардар АД реши да ја прифати милонската понуда од екипата на Спортинг Канзас Сити од Канзас, САД. Клуб што се натпреварува во најсилната MLS фудбалска лига во САД. Мато ќе игра против Меси, Суарез, Жиру, Лорис, Бускетс…“ – порачуваат од ФК Вардар.

 


Тоа што е интересно е фактот дека во моментов Вардар нема никаков контакт со Мато, кога веќе и самиот напаѓач со „нож во грб“ им потпишува договори со трети клубови. А, од раководството на Вардар, пак, чекаат Мато сега да се договори со Канзас Сити!?

„Останува сега Канзас и Мато да ги договорат условите под кој тој ќе настапува таму. За очекување е плата од околу 40.000 долари месечно, плус бонуси. Овој трансфер воедно ќе помогне и на струмичка Брера која според договорот полага право на 20% од продажбата“ – се вели во соопштението од Вардар.

Се вчитува...