Циркуси со тренери во младата селекција на Србија пред ЕП: Обрадовиќ уште сега назначен за нов селектор

До Европското првенство во Полска, младата репрезентација на Србија беше предводена од Томислав Сивиќ, на ЕП ќе ги носи Ненад Лалатовиќ, а во меѓувреме на пријателските дуели и потоа ќе ги подготвува Милан Обрадовиќ!

Како што пренесуваат српските медиуми, по настапот во Полска клупата на младата селекција ќе ја преземе Обрадовиќ, поранешен стопер на Обилиќ и Партизан. Но, тој сега ќе комбинира со дел од младите репрезентативци и на пријателските дуели, а ќе ја води генерацијата 1996/97 на тестот со Израел на 5. јуни. Од тој натпревар и Лалатовиќ ќе снима некои сили кои би можеле да настапат на ЕП.

Но, и покрај тоа од ФСС нема потврда дека Обрадовиќ дефинитивно ќе ги води младите низ квалификациите за ЕП 2019. Интересно е дека Милан Обрадовиќ пред десет дена се договори да го преземе тимот на Спартак Суботица. Но, изненадувачки го откажа договорот, па сега поранешниот македонски селектор Драган Канатларовски е пред промоција на клупата на Спартак Суботица.

Како што е познато, Србија е во групата со Македонија, Шпанија и Португалија на Европското првенство во Полска кое почнува од 15. јуни.

Се вчитува...