Трансферот на Нејмар назад во Барселона не се оствари, но затоа продолжува судскиот спор што бразилскиот ас го имаше со каталонскиот гигант уште при заминувањето од „Камп ноу“ пред две години. А каталонскиот суд веќе закажа и ново рочиште, за 27 септември, кога ќе се дадат и последните искази пред донесувањето на пресудата.
За потсетување, Нејмар бара од Барселона 26 милиони евра. Тој смета дека ја исполнил клаузулата за верност кон клубот и дека Барса мора да му ја исполни оваа сума. Од друга страна, каталонскиот гигант нема намера да ги плати овие пари бидејќи Нејмар преговарал со ПСЖ во периодот пред да се активира клаузулата за откуп од 222 милиони евра. Згора на тоа, челниците на Барса со одделна тужба бараат 8,5 милиони евра што му ги платиле на Нејмар за потписот на новиот петгодишен договор, за Бразилецот само една година подоцна да ги изневери и да се пресели во Париз.
Страстите во меѓувреме делуваа смирено, но самиот факт дека тужбите не се повлечени е јасен знак дека „секирите не се закопани“, особено откако пропаднаа преговорите со ПСЖ за враќање на Нејмар на „Камп ноу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА