Џошуа Циркзе минатата сезона блескаше во дресот на Болоња, летово тој имаше неколку богати понуда на маса и на крајот реши да потпише договор со Манчестер Јунајтед во трансфер вреден над 40 милиони евра. Холандскиот репрезентативец дури и дебитираше со гол, стрелајќи прецизно за триумф над Фулам во првото коло од Премиер-лигата, но оттогаш работите не се одвиваат онака како што посакува Циркзе.
Голгетерот воопшто не е среќен во Англија, не успевајќи да се адаптира на животот на „островот“ откако претходните години во интернационалната кариера ги мина успешно во Германија и во Италија. Приватните проблеми се одразуваат и врз неговата форма, падот во квалитетот е и повеќе од очигледен, а по враќањето на Хојлунд и минутажата на екс-фудбалерот на Болоња значително ќе биде намалена.
Извори блиски до фудбалерот тврдат дека тој е подготвен веќе во јануари да си замине од „Олд Трафорд“, а желба му е да се врати назад во Италија. Јувентус летово покажа интерес но загуби во трката по Циркзе, а раководството на „старата дама“ е подготвено повторно да се обиде да го потпише Холанѓанецот, на шестмесечна позајмица со опција за откуп на крајот од сезонава. Тренер на Јуве е Тијаго Мота со кого Циркзе имаше беспрекорна соработка во Болоња, така што самиот фудбалер без проблем би прифатил една ваква опција, но на потег се клубовите, да се обидат да најдат заеднички јазик на оваа тема.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА