Циц до Пеце: „Џаба вам новци, моји синовци“

Препукувањето меѓу канцеларијата на МКФ и раководството на КК Куманово продолжи и во текот на денешниот ден, откако Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски „Циц“ остро го нападна претседателот на федерацијата, Петар Наумоски. Соопштението од страна на Дамјановски го пренесуваме во целост.

СООПШТЕНИЕ

 

Во врска со вчерашната изјава во медиумите на претседателот на МКФ Петар Наумоски кој директно посочи дека КК Куманово има неспособно менаџирање на клубот и затоа има проблеми, како прв човек на градот сакам да истакнам дека  Петар Наумовски го респектирам како играч. Имал успешна спортска кариера како во земјата така и во Европа. За неговата спортска кариера немам коментари и секоја чест за неговите спортски успеси од минатото.

 Меѓутоа со неговото доаѓање на чело на МКФ дојде до една општа хавараија во кошаркарскиот спорт во Македонија, што не е аналогија на неговите спортски резултати како играч. Но, првиот човек на федерацијата,  се дрзна да се однесува крајно некоректно и неспортски, претпоставувам силно политички подржан од партијата која се наоѓа на централната власт.

 Тоа што македонската кошаркарска репрезентација ги доживеа најцрните моменти во последните десет години, токму под водство на овој претседател, е нешто за кое треба да зборуваат истакнатите спортски работници во државата, и крајно време е еднаш да се обелодени и да се претстави на македонската јавност во која насока се движи овој  спорт.

 Како Градоначалник кој од Буџетот на општината го финансира клубот ќе кажам дека оваа година неговото крајно дрско однесување во федерацијата доведе до огромни турбуленции во самото првенство. Само  од нему познати причини со енормно високи лиценци за странски играчи во Македонска Прва кошаркарска лига, со што беше тотално компромитирано и самото учество на клубовите во лигата, на секои две недели се прават состаноци на Здружението на клубови од Прва лига, се казнуваат, се суспендираат некои екипи, бидејќи овие енормни високи лиценци доведуваат до тешки финансиски состојби, а сето тоа е само еден дел од проблемот.

 Дали Куманово е виновно што од само на нему познати причини успеа еднострано да го раскине договорот со играч на КК Куманово, а КК Куманово  и нема некој поголем ростер, со што направи невидена штета на настапот на оваа екипа во полуфиналните и финалните средби во БИБЛ лигата како единствен претставник од Македонија, во СУПЕР Лигата како третопласирана екипа во првенството на Македонија и на тој начин на клубот му нанесе невиден хендикеп во понатамошните натпревари. Од кои причини го прави тоа само нему му е познато, бидејќи вакво еднострано раскинување на договор досега во историјата на МКФ не е познато. Причина наводно за тоа било лошото менаџирање на управата, бидејќи не бил осигуран играчот. Тоа беше причина за раскинување, се со цел да се задоволи потребата на МЗТ Скопје кој е негов спонзор и еден од основачите на Македонската кошаркарска федерација и нивните односи беа многу добро познати во минатото, по што следеа меѓусебни расправии кои на некој начин кулминираа со предлог за промена, па потоа пак се балансираа под спонзорство на нивните политички ментори во РМ. Ние дадовме осигурување во моментот кога играчот побара да биде осигуран.

Почитуван господине Петар Наумоски, Ве молам во име на граѓаните на РМ, а пред се на граѓаните на Куманово, што побргу да си заминете од МКФ, бидејќи правите непремостливо зло на кошарката во земјата, а пред се на вкупниот впечаток за спортот во РМ.

Затоа Куманово од оваа позиција, како локална самоуправа ќе се преиспита дали воопшто ќе направи развојна програма со која ќе финансира спорт каде ќе има вакви услови за натпреварување.

Да потенцирам дека Општина Куманово даде силна препорака до управата на КК Куманово да поведе судски спор против МКФ, Петар Наумоски како претседател на МКФ, против менаџерот на играчот Мијатовиќ, против самиот играч и против Регистрациската и Арбитражбата комисија на МКФ. Упативме Тужба до Спортско-арбитажниот суд на  Македонскиот Олимписки комитет, упативме редовна граѓанска тужба против МКФ и играчот Данило Мијатовиќ и се надеваме дека судсвото ќе има сила да го надмине состојбите во кои се наоѓа, за да се стави крај на анархијата во општеството, а со тоа и крај на анархијата во МКФ.

Ве замолувам уште еднаш, што поскоро да си заминете од водечката позиција на МКФ. И ќе завршам со онаа познатата –

„Џаба вам новци, мои синовци . Ние пак ќе бидеме подобри!!!“ 

 Градоначалник на Општина Куманово

 Зоран Дамјановски

Се вчитува...