Долгогодишниот репрезентативец во „3х3“, воедно и најдобриот „баскетџија“ за 2023 година, Ервин Цого се враќа на прволигашката кошарка во Македонија и во продолжението од сезоната ќе го носи дресот на Вардар, потврди повратникот во „елитата“ на македонската кошарка.
Бекот во минатото ги бранеше боите на МЗТ Скопје, Работнички, Куманово, АВ Охрид, Шкупи и ТФТ. Последниот настап го имаше за „црно-белите“ од Тафталиџе во сезоната 2020/21 забележувајќи шест настапи во Прва лига и еден во БИБЛ.
Враќањето на Цого во најдоброто од македонската кошарка не значи и откажување од „3х3“ сцената, напротив времето поминато со вардарци ќе биде своевидна подоготовка за престојниот турнир во ова натпреварување кое ќе се одржи во Јапонија.
Вардар по 14 одиграни натпревари во сезоната се наоѓа на делба на позициите кои водат во плејаутот со три победи и 11 порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА