Данска е последниот полуфиналист на ракометниот мундијал за жени откако оваа селекција славеше во пресметката со Црна Гора со резултат 26-24. Црногорките влегоа како аутсајдерки во овој меч, но изненадија со добро издание, одлично му парираа на фаворитот, но сепак немаа сили за сензација против еден од ко-домаќините на овој шампионат.
Мечот беше максимално израмнет во првите дваесетина минути, но Данките успеаја да се одлепат пред крајот на полувремето и на одмор заминаа со водство од 13-10. Данска имаше и „плус пет“ на почетокот од второто полувреме, селекцијата на Црна Гора возврати и влезе во неизвесен финиш, но неколку судиски одлуки помогнаа скандинавската селекција да остане во водство до самиот крај и да го осигура пласманот меѓу најдобрите четири репрезентации на овој шампионат.
Фрис и Мете Хансен со по пет погодоци ја предводеа Данска до оваа победа, додека на спротивната страна Мугоша со шест гола беше најдобар стрелец во црногорскиот табор.
Ривалки на Данките во полуфиналето ќе бидат репрезентативките на Норвешка, додека во второто полуфинале ќе се сретнат Шведска и Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

