На малерите на црногорската ракометна репрезентација им нема крај, па селекторот Ѓукиќ на три дена пред стартот со настапи на ЕП 2018 остана без уште еден голем адут, јавува специјализираниот ракометен портал „g-sport“.
По откажувањето на Вуко Борозан, Црногорците останаа и без помошта на првиот голман Небојша Симиќ, кој остана прва „ѕвезда“ во отсуство на „бомбардерот“ на Вардар. Сепак, последните информации говорат дека Симиќ заработил незгодна повреда поради која ќе мирува извесно време. Во ситуација кога премиерниот натпревар на ЕП Црногорците го играат за само три дена (против Германија), јасно е дека овој шампионат е завршен за Симиќ уште пред воопшто да започне.
Само за потсетување, Симиќ имаше серија одлични настапи за Кристијанштад во Лигата на шампионатите до минатата сезона, по што сериозен интерес за неговите услуги искажа и Вардар, за Црногорецот на крајот сепак да реши да се пресели во бундеслигашот Мелсунген.
Во ситуација кога се без Борозан и Симиќ, Црногорците сега важат за огромни аутсајдери во групата Ц, со што уште повеќе се зголемуваат шансите за пласман на Македонија во следната рунда од овој европски шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА