Женската ракометна репрезентација на Македонија го загуби и четвртиот натпревар во ЕХФ ЕВРО купот, овојпат на домашен терен од Словенија со 20-27. „Црвено-жолтите“ девојки одиграа егал прво полувреме, а црните десет минути на стартот на вториот период беа клучни за втор пораз од Словенија во една недела.
Повторно лошо го отворивме натпреварот како и во Словенија. Иако гостинките не успеаја да направат поголема предност, избраничките на Љубомир Савевски промашуваа многу зицери во првите десет минути меѓу кои и два нереализирани пенали (Седлоска и Ристовска), па по десет минути игра имавме негатива од 3-5. Следеше ново наше промашување, а во 12. минута Словенките за првпат стигнаа и до плус три 3-6.
Во следните неколку минути се играше гол за гол, а при резултат 5-8 селекторот Савевски го побара првиот тајм-аут. По паузата следеше нов нереализиран пенал овој пат на Ангела Јанкуловска. Словенките останаа со две ракометарки помалку, а „црвено-жолтите“ конечно тоа го искористија и во 18. минута влегоа со негатива од само еден гол 7-8. Мицевска беше одлична на нашиот гол, но ние во нападот продолжувавме да промашуваме „зицери“, а по 24. минути Словенките се уште имаа минимално водство (8-9).
Почнавме да погодуваме од изградени позиции, а сето тоа резултираше со израмнување на резултатот во 28. минута на 11-11. До крајот на првиот дел Словенките врзаа два гола и на пауза заминаа со позитива од 11-13.
Словенија со серија од 3-0 го стартуваа второто полувреме и во 33. минута стигнаа до највисоките плус четири 11-15. Гостинките продолжија да не газат и веќе во 39. минута беше плус седум 12-19, по што селекторот Савевски мораше да побара нов тајм-аут. Во продолжението шанса добија и помалку искусните ракометарки, а Словенија рутински го приведе мечот до самиот крај за конечни 20-27.
Сара Ристовска со седум гола беше убедливо најдобар поединец во нашиот табор, додека Леонида Гичевска заврши со четири. Кај победничките Ана Грос исто така постигна седум погодоци, додека Нина Зулиќ заврши со пет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА