Македонската кошаркарска репрезентација во четвртиот натпревар од претквалификациите за СП 2019 го претрпе и третиот пораз, овојпат на гостински терен против Естонија со резултат 74-65. Овој неуспех е огромен проблем за „црвено-жолтите“, на кои им се заканува испаѓање од претквалификациите, што со новоформираниот систем на натпреварување ќе значи и исчезнување на македонската репрезентативна кошаркарска од мапата на Европа во следните неколку години. Добрите три четвртини беа недоволни да се стигне до триумф во Талин по тоталниот колапс во последните десет минути, па сега ни останува да се крстиме во Естонците, кои во меч без никакво значење за нив ќе треба да играат за Македонија во Приштина, бидејќи триумф на Косово во последното коло ќе значи и наш пад на последното место на табелата и најцрно можно сценарио.
По добриот настап против Косово, Љубомир Младеновски повторно доби шанса во стартната петорка крај Чековски, Војдан Стојановски, Костоски и Џордан Теодор. Токму Американецот беше најрасположен на стартот со две асистенции и едно одлично положување, но Естонците имаа одговор на спротивната страна, па по четири минути игра поведоа со 9-5. Откако по нашето водство од 2-5 домаќините направија серија од девет поени и поведоа со 11-5, селекторот Давитков го побара својот прв тајмаут.
Советите вродија со плод, па за помалку од две минути во следните три напади погодивме три тројки (Костоски, Чековски и Стојановски) и го свртевме резултатот во своја полза, принудувајќи го естонскиот селектор на тајмаут. Македонија го заврши првиот период со минимална предност од 16-18, но измените на стартот од втората четвртина донесоа бројни проблеми. Тасовски, Николовски и Ѓуроски влегоа во игра по што Естонците беспрекорно ги реализираа своите напади, одбраната воопшто не функционираше, откако Естонија поведе со 26-23 (постигна десет поени за две и пол минути) Давитков побара тајмаут. Минутата одмор ги исфрли од ритам Естонците, на теренот се врати Војдан Стојановски, а со него во тимот набрзина направивме пресврт, поведувајќи со 27-31 на половина од втората четвртина.
Домашната селекција повеќе од пет минути немаше поени од поле, при водство од 28-33 Теодор промаши шут за два, за на спротивната страна на македонскиот Американец да му биде досудена и техничка грешка за „флопинг“. Џордан веќе во следниот напад пооди тројка и ја врати предноста на плус пет (31-36). Иако на 100 секунди до крајот имавме 33-38, им дозволивме на домаќините да постигнат осум поени во низа, за на крајот серијата сепак да им ја прекине Аце Костоски, со тројка од половина терен со звукот на сирената, за конечни 41-41 по 20 минути игра. Мора да се истакне дека во ова прво полувреме шутиравме тројка над 50% (6/11), наспроти 33,3% на домаќините (3/9).
Шутот не го служеше домашниот состав ниту во третата ечтвртина, но ние почнавме да имаме се посериозни проблеми со скокот, овозможувајќи им на домаќините бројни офанзивни скокови. Во нападот одговорноста ја презеде Војдан Стојановски, кој покрај бројните поени изнуди и четврта личн грешка на домашниот центар Талтс, кој дотогаш ни создаваше многу проблеми во битката под обрачите. Во последните десет минути се влезе со предност на Македонија од 54-55 по положувањето на Теодор, откако Естонците шутираа 0/6 за тројка во третиот период.
И повторно почнавме една четвртина со слаба игра во одбраната, па откако скокот не функционираше, а домаќините лесно реализираа неколку напади, Давитков зеде тајмаут при резултат 61-57 за Естонците. Со поените на Теодор се приближивме на 63-61, но домаќините токму тогаш по долга пауза постигнаа тројка преку Сок. Естонија имаше најубедливи седум поени предност (68-61) на половина од последната четвртина, намаливме на 68-63, а потоа Чековски веднаш по влегувањето направи лична грешка во напад.
Во завршницата притисокот беше огромен, а нашите кошаркари не успеаја да го издржат. Естонците во последните три минути влегоа со водство од 72-63 што знаеја како да го задржат до самиот крај, триумфирајќи со конечни 74-65.
Теодор во финишот промаши две слободни фрлања, па го заврши мечот со 19 поени, еден повеќе од капитенот Војдан Стојановски, Чековски постигна 10, Тасовски седум, а Костоски шест поени во најновиот пораз на нашиот национален тим во овие претквалификации.
Македонија моментно останува второпласирана во групата, пред Косово, но може да бидеме минати од овој противник доколку претстојниот викенд во Приштина ги совлада Естонците, кои сигурно се први и тој натпревар ќе нема никакво резултатско значење за нив.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА