Скопскиот суперлигаш Пролет го реши голманското прашање за новата натпреварувачка сезона потпишувајќи договор со Данило Михаљевиќ. Овој 25-годишен чувар на мрежата доаѓа од Црна Гора и има зад своето име настапи за сите младински селекции, како и за А-репрезентацијата на својата татковина.
Михаљевиќ ги мина изминатите денови во Скопје, по што го стави својот потпис на едногодишниот договор со Тинекс Пролет, со можност за дополнително продолжување на соработката. Михаљевиќ има настапувано за неколку црногорски екипи, но исто така и во неколку клубови во странство, како Пореч од Хрватска, Железничар Ниш од Србија, Сетубал од Португалија и Пјотрковјанин Трибулански од Полска. Тој доаѓа за да го засили тимот по заминувањето на Јане Цветковски и ќе ја сочинува голманското трио заедно со Андреј Петковски и со Матеј Ивановски.
Данило Михаљевиќ е третото значајно засилување за Пролет, по ангажманот на македонскиот репрезентативец Томи Јагуриновски и на Александар Василевски, а во наредниот период се очекува дополнително засилување на играчкиот кадар за наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА