Репрезентацијата на Литванија ја забележа и втората победа на почетокот на Евробаскет 2025 откако без никакви проблеми славеше над Црна Гора со резултат 94-67. Црногорците најавија борба и обид за израмнување, но наместо тоа можеше да се проследи апсолутна доминација на литванскиот национален состав кој предводен од Валанчиунас и од Јокубаитис рутински стигна до нов триумф.
Дуелот беше израмнет само до 6-6, кога Литванците влегоа во првата серија и веќе пред крајот на првата четвртина, во деветтата минута стигнаа до првото двоцифрено водство (24-13). Првата четвртина заврши 26-15, а литванската доминација продолжи до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со 47-28. Црногорците се обидоа да се вратат со шутеви од далечина, но тројката им функционираше катастрофално, тие погодија само три од вкупно 22 шута, па убедливиот пораз на овој дуел беше неизбежен.
Јокубаитис беше прво има во победничкиот табор со 21 поен и 12 асистенции, додека Валанчиунас за 13 минути игра постигна 19 поени, додека најдобар кај Црна Гора беше Никола Вучевиќ, со дабл-дабл од 20 поени и 10 скокови.
Литванија во третото коло утре во 12.30 часот ќе се сретне со светскиот првак Германија, додека Црногорците ќе се обидат да го поправат впечатокот против домаќинот Финска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

